• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Иселеник во Америка гради фабрика во ТИРЗ Струга

Иселеник во Америка гради фабрика во ТИРЗ Струга

Струга, 6 септември 2018 (МИА) - Американската компанија „Reci&Sons Enterprise“ денеска почна со изградба на производствениот капацитет во ТИРЗ - Струга. Инвестицијата се проценува на околу три милиони евра, а се состои од истражувачка лабораторија и капацитети за производство на средства за лична хигиена. Објектот ќе се простира на површина од 2.500 метри квадратни,  a планирано е вработување на околу 250 лица од охридско-струшкиот регион. Инвестицијата е на иселеник од Македонија во Америка.

На отпочнувањето на проектот покрај инсветиторот, Арбнор Речи, присуствуваа и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за економија и за странски инвестиции Крешник Бектеши и Зорица Апостолска, директорот на ДТИРЗ Алксандар Младеновски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и градоначалниците на општините Струга и Охрид Рамиз Мерко и Јован Стојановски.

Инвестицијата, според Анѓушев, е само една од фабриките што почнуваат во градба со низа. – Само последниот период скоро секоја недела почнувавме со градба на по една фабрика. Тоа е најдобриот одговор дека мерките што Владата ги предвиде преку Законот за финансиска поддршка на индустријата и инвестициите вродува со плод, рече Анѓушев.

Дека владините мерки даваат резултати, како што нагласи, покажуваат и денешните резултати на Заводот за статистика дека бруто домашниот производ во вториот квартал во 2018 година во споредба со истиот период лани има пораст од 3,1 процент.

- Тоа значи дека мерките полека даваат резултат и дека државата од бројки како -1,2, - 1,7 преку 0,1 минатиот квартал полека ја носиме во позитива од 3,1 и економијата ја доведуваме во ред. Ќе бидеме посветени да правиме проекти што ќе имаат бенефит за граѓаните во инфраструктурата и градење фабрики, истакна заменик претседателот на Владата.

За него посебно е значаен индустрискиот раст, кој спредбено јули 2017 и јули 2018 година бележи раст од 8, 4 отсто. Најави дека денеска на Влада поминал и анекс на договорот за интензивирање на работите на автопатот Кичево – Охрид, што ќе придонесе за раст во гардежништвото.

Ова е инвестиција на прв иселеник од дијаспората, а одлуката на семејството Речи да инвестира во Македонија, според министерот за економија Бекташи, е вистинска, и е потврда за преземените реформи во економијата.

- Дијаспората е многу важен фактор за економијата во Република Македонија и ние сме подготвени да дадеме целосна поддрка за сите печалбари кои се заинтересирани да инвестираат тука. Таквата поддршка е ставена и во планот за економски раст и во законот за финансиска поддршка на инвестициите, истакна Бектеши.

Сопственикот на компанијата Арбнор Речи смета дека инвестицијата е можност Македонија да задржи голем дел од младите кои бараат подобар живот.

– Можеме да обезбедиме иднина со која Македонија ќе извезува производи, а не луѓе. Стабилноста и растот ќе овозможат подобар живот за нашите деца, подобра иднина за луѓето. Одлучив да инвестирам не само во Македонија, туку и во граѓаните во земјата на мојот татко и дедо, подвлече Речи.

Производите за лична хигиена што ќе се произведуваат тука, очекува дека покрај во Европа ќе се извезуваат низ целиот свет.

За добрата економска политика во земјата говореше и директорот на технолошко-индустриските развојни зони Младеновски, кој информира дека во август бил потпишан договор за закуп на градежното земјиште и оти сега се почнува со градба.

- За нас, како Дирекција за ТИРЗ, секојдневен приоритет е целосна фокусираност кон подобрување и олеснување на работењето на компаниите на сите полиња на дејствување и обезбедување на  еднакво добри инфраструктурни услови во сите зони. Резултатите се евидентни. Компанијата „Reci&Sons Enterprise“ ќе произведува производи за лична хигиена и чистење, информира Младеновски.

Лидерот на ДУИ Ахмети ги повика иселениците да инвестираат во Македонија, нагласувајќи дека татковината не се сака само со зборови, туку со дела што ќе отворат перспективи за другите. – Онаму каде што има безбедност и сигурност има и инвестиции. Домашен или странски инвеститор најпрво сака безбедност и сигурност за капиталот што ќе го инвестира, рече Ахмети. сс/скс/15:22

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ