Завршија градежните работи на делницата Демир Капија - Смоквица

Завршија градежните работи на делницата Демир Капија - Смоквица

Демир Капија, 23 мај 2017 (МИА) - Заклучно со денеска завршуваат активностите за асфалтирање на новата автопатска делница Демир Капија - Смоквица во должина од 28 километри. Во тек се и завршните работи во двата тунела, а заокружена е изградабата на мостовите. Во наредните неколку недели треба да се доврши поставувањето на оградата, сигнализацијата да се дислоцира еден далекувод. 

- Градежниот дел е целосно завршен. Завршниот слој асфалт се става на првиот од двата тунела и до 17 часот попладне треба да се заврши комплетно со асфалтирање, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешниот увид на активностите на терен во присуство на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојановски.

Ќе се продолжи со монтирање на оградата. Остануваат уште електрификацијата и дислоцирање на еден далновод. Во меѓувреме, како што рече Мисајловски, ќе се врши тестирање на автопатот.

- Патот е веќе подготвен за возење и се асфалтира последното парче, потенцираше Груевски.

Инвестицијата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица изнесува 218 милиони евра од кои 40 милиони се грант од ЕУ,а останатите се заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, шест милиони евра од државниот буџет.

Новиот автопат се протега од излезот на Демир Капија преку село Миравци до Смоквица каде што се поврзува со постојниот автопат.Има две клучки, кај Миравци и кај Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри, шест моста со должина до 100 до 500 метри, шест подпатника и два подпатника. Новата автопатска сообраќајница е широка 25,6 метри со две ленти за возење, една за застанување и средишен зелен појас широк три метри. Изградбата на автопатот  Демир Капија - Смоквица почна во септември 2013 година. Со нејзиното завршување се заокружува целосното автопатско решение на Коридорот 10.

- Завршен е овој крупен проект којшто е практично последното парче на автопатот „Александар Македонски“ на Коридорот 10 којшто не беше автопат. Сега веќе се е автопат, и она што го направивме пред пет шест години помеѓу Куманово и Табановце, и ова парче сега, како и делницата помеѓу границата и Смоквица која се проширии стана автопат,  практично се заврши целосно Коридорот 10 да биде на ниво на автопат, изјави Груевски.

Потенцирајќи ја важноста на изградбата на Демир Капија-Смоквица со којшто патувањето од Гевгелија до Демир Капија е скратено од 40 на 15 минути Груевски укажа и на важноста за идниот развој на туризмот.

- Ова е од извонредно значење за сите наши граѓани кои патуваат на оваа делница, но и за туристите вклучувајќи ги и транзитните кои во минатото патуваат низ прилично небезбеден тежок планински пат со многу кривини и небезбедни точки и скоро да немаше година во која немаше жртви на овој пат. Сега веќе имаме извонредно направен пат со високи најпрофесионални европски стандарди, рече Груевски.

Како што информираа министерот Мисајловски и директорот Стојановски откако ќе се заврши постапката за проектирање на делницата Кичево-Гостивар ќе почне подоготвка на елаборати за експропријација и зависно од расположливоста на средствата ќе почне да се гради и тој дел од автопатот што недостасува.

Министерот за транспорт се осврна  и на активностите за изградба на железничката инфраструктура информирјаќи дека продолжуваат активностите за изградба на пругата Куманово -Белјаковце, и оти во тек се активности за изборен изведувач на градежните работи за железничката делница од Куманвоо до Крива Паланка,како и дека се работи на проектирање за потегот од Крива Паланка до границата со Бугарија по што би се пристапило и кон определување и на финансиската конструкција. Распишан е и нов тендер за кракот од пругата на потегот Битола-Кременица, а до крајот на годината треба да се заврши и проектирањето на пругата од Кичево до Лин, информира Мисјаловски.

Концесионерот со македонските аеродроми турската компанија ТАВ, потенцираше Мисајловски, согласно договорот со македонската Влада во 2020 година планира да почне со изградбата на карго аеродром во Штип,  а на скопскиот аеродорм со нив се преговара за изградба на нова ВИП зграда.лв/са/16:17

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ