Катастар: Мало зголемување на активностите на пазарот со недвижности во вториот квартал од годинава

Катастар: Мало зголемување на активностите на пазарот со недвижности во вториот квартал од годинава

Скопје, 11 јули 2017 (МИА) - Во вториот квартал од 2017 година има мало зголемување на активностите на пазарот со недвижности што се должи на поволните каматни стапки на комерцијалните банки и големиот пад на цените на становите, а може да се забележи и голем пад на цените на закупите на становите во голем број на општини, покажуваат резултатите од Регистарот на цени и закупнини за периодт од 01.03.2017 до 30.06.2017 година што го изработи Агенцијата за катастар на недвижности.

Од Регистарот се гледа дека понудата на станови на пазарот континуирано расте, со што ја задоволува побарувачката и оти во моментов има доволна залиха на новоизградени станови доколку побарувачката се зголеми.

Од Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период очекуват благ пад и стабилизација на цените на недвижностите во одредени општини, доколку условите на пазарот на недвижности останат исти подолг временски период, пред се поради зголемената градежна активност и значително намалената побарувачка на станови.

Во вториот квартал од годинава во Регистарот на цени и закупнини се запишани вкупно 3.005 трансакции. Најмногу трансакции се регистрирани во јуни, кога се впишани 1.513 трансакции, додека најмал број на трансакции 716 имало во мај. Од севкупниот број на трансакции со недвижности 59 отсто се однесуваат на продажби, 32 отсто на закупи, 7 на продажби од инвеститор и 2 отсто на откупи од Република Македонија.

За разлика од вториот квартал од 2016 година кога имаше регистрирано 5.992 трансакции со вториот квартал од годинава се регистрирани 2.917 трансакции што претставува намалување од 51,4 отсто. Во споредба, пак, со првиот квартал од 2017 година кога се регистрирани 2.590 трансакции има раст од 415 трансакции, односно од 13,8 отсто.

Во вториот квартал од годинава се регистрирани 139 продажби на новоградби што претставува зголемување за 88 продажби во однос на првиот квартал, кога беа регистрирани 51 продажба. Во овој квартал има 3.663 ново изградени станови кои се непродадени и се нудат на пазарот со недвижности, додека во тек на градба се 9.973 станови на целата територија на Република Македонија или вкупно 13.636 станови кои се нудат на пазарот на недвижности. Во првиот квартал од 2017 година беа регистрирани 3.030 непродадени станови кои се нудеа на пазарот со недвижности и 8.777 станови кои беа во тек на градба или вкупно 11.807 кои се нудеа на пазарот на недвижности.

Во текот на вториот квартал од 2017 година се регистрирани 2.336 продажби на недвижности со вкупна цена од околу 3,9 милијарди денари. Вкупниот број на регистрирани закупи изнесува 699 со вкупна месечна закупнина од околу 12,5 милиони денари. 

Цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар бележи раст. Во првиот квартал од 2017 година изнесувала 45.562 денари, а во вториот 61.255 денари. Во општина Аеродром во првиот квартал метар квадратен станбен простор изнесувал 51.739 денари, а во вториот 50.132 денари што претставува мал пад на цените. Во општина Карпош има големо намалување на цената на становите, па така ако на почетокот на оваа година за метар квадратен станбен простор се плаќало по 61.163 денари, сега метар квадратен изнесува 54.671 денари. Намалување на цената на метар квадратен станбен простор има и во општина Ѓорче Петров од 5.753 денари во однос на првиот квартал и сега чини 42.832 денари. И во Кисела Вода има пад на цените на становите, па така во првиот квартал од 2017 година цената изнесувала 54.335 денари, за во вториот квартал од оваа година да изнесува 48.900 денари.

Пад на цена на станбениот простор има и во општина Битола ,каде просечната цена на метар квадратен во првиот квартал изнесувала 41.546 денари, а во вториот изнесува 30.302 денари, што претставува пад од 11.244 денари. Во Куманово има стабилна цена на становите и се движи околу 29.000 денари за метар квадратен. Во општина Охрид има голем пад на цената на становите, па така во првиот квартал од 2017 година цената за метар квадратен изнесувала 45.308 денари, за во вториот квартал од оваа година да изнесува 37.324 денари.

Цената, пак, на закупот за метар квадратен станбен простор во општина Центар изнесува 295 денари. Стабилна цена на закупот има и во општина Карпош каде во последните три квартали изнесува околу 225 денари. Сепак пад на цените на закупите има во општините Кисела Вода, Ѓорче Петров и Аеродром. Во вториот квартал од 2017 година во Кисела Вода има пад од 53 денари и закупот изнесува 132 денари, во општина Ѓорче Петров има пад од 60 денари, а цената за закуп на станбен простор изнесува 37 денари за метар квадратен. Во општина Аеродром има пад за 11 денари и цената во овој квартал изнесува 148 денари.

Кај пазарот на хипотеки кој е составен дел од извештајот на Регистарот на цени и закупнини се забележува раст на бројот на станови кој се наоѓаат под хипотека од 0,11 отсто. На ниво на држава, од вкупниот број на регистрирани станови 10,2 отсто се наоѓаат под хипотеки. вј/скс/16:09

###



Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



Мозаик

Тинејџерка преживеала 49 дена на отворено море пиејќи цедена морска вода

Индонезиска тинејџерка минала 49 дена на отворено ...

Олег Сенцов стана почесен граѓанин на Париз

Украинскиот филмски режисер осуден на 20 години за...

Британски математичар тврди дека пронашол решение за проблем стар 160 години

Еден од најистакнатите британски математичари, Мај...

Познатиот професионален убиец на ТВ-екраните стана модна икона

Ѕвездата од новата ТВ-серија „Убиствената Ив“, ист...

Премиерката на Нов Зеланд и нејзиното бебе - хит во ОН

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, која ов...