• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

РСБСП: Добар одмор за безбедно патување

РСБСП: Добар одмор за безбедно патување

Скопје, 25 јули 2017 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира возачите да бидат добро одморени, без разлика дали ќе патуваат преку ден или во текот на ноќта.

- Најголемата предност на управување на возилото на долги патувања во текот на денот е тоа што видливоста е многу поголема, полесно и порано се видливи и полесно се перципираат сите елементи кои влијаат на безбедноста во сообраќајот, полесно се идентификуваат потенцијалните закани, пречки и можните опасни ситуации во сообраќајот, соопшти РСБСП.

Возењето во текот на денот, како што се наведува, е особено погодно за луѓето кои користат диоптерски леќи или очила. Доколку автомобилот е во дефект или возачот е во неволја, многу полесно пристигнува службата за помош.

Како најголема пречка за возење преку ден се смета зголемениот интензитет на сообраќај. Најголемата разлика во однос на ноќното возење е што во текот на денот возачите често ги пресретнуваат големи товарни камиони и машини кои се бавни и кои зад себе создаваат колони. Во текот на денот има поголем метеж на бензинските станици, наплатните рампи за патарина и на граничните премини. Се вози по исклучително високи температури, а секое подолго чекање во колона значи подолго и поголемо изложување на сонце, а тоа најтешко го поднесуваат најмладите патници, особено доколку во возилото нема клима, иако тоа веќе и не е честа појава.

- Бидете внимателни, надворешната и внатрешната температура во возилото да не биде поголема од седум степени, а правете и чести паузи. Најдобар совет е да се тргне на пат тогаш кога возачот ќе биде добро одморен, соопшти РСБСП.

Најголемата предност која ја има возењето во текот на ноќта е помалиот интензитет на сообраќајот и нема метеж на граничните премини, патарините и бензинските станици. Статистичките податоци покажуваат дека во текот на ноќта се случуваат и помалку сообраќајни несреќи, а доколку се случи тие се со катастрофални последици.

Температурите во ноќта се значително намалени, а со тоа и возењето е попријатно. Доколку на патиштата има застој, чекањето е многу полесно поради пријатните температури, а ноќта е период кога најмалите спијат, па возачот има мир и концентрација.

РСБСП информира дека една од најзначајните маани во ноќното возење е тоа што видливоста на патот е значително намалена и многу тешко може навремено да се идентификуваат заканите и препреките на патот. Лицата кои имаат послаб вид, не би требало да да возат навечер. За време на ноќното возење често се случува возачот да почувствува криза за спиење и веднаш треба да застане за да одмори, а тоа најчесто се случува во периодот меѓу четири и шест часот наутро. мд/са/11:39

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ