РСБСП повикува на одговорно учество во сообраќајот за време на празниците

РСБСП повикува на одговорно учество во сообраќајот за време на празниците

Скопје, 8 септември 2017 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на  патиштата (РСБСП) на сите граѓани на Република Македонија им го честита празникот на независноста  „ 8-Септември“  и повикува на одговорно учество во сообраќајот и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. 

Од РСБСП информираат дека според билтенот на МВР моментите наменети за одмор и славење многу често се претвораат во семејна трагедија која остава долги и фатални последици.

- Периодот од јуни до септември во светот е познат како 100-те најцрни денови на патиштата. Неофицијалните статистички податоци покажуваат дека од почетокот на годината 91 лицe го загубиле животот во сообраќајни незгоди на патиштата во Република Македонија, од кои 48 лица  во првите 6 месеци и дури 43 лица во јули и август, се наведува во соопштението.

Анализите и статистиката покажуваат дека за време на продолжен викенд  посебно е голем бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од само еден учесник во сообраќајот, односно излетување на возилото од коловозот поради брзо возење, возење под одвлечено внимание или поради возење под дејство на алкохол. Комбинацијата од сите три фактори, како што посочуваат од РСБСП, речиси  секогаш е фатална. Неправилното пристигнување и недржење страна и правец на движење исто така спаѓаат во групата на водечки причини за сообраќајни незгоди од посериозен карактер.

- Пред нас е уште еден продолжен викенд и уште еден предизвик и искушение кога е во прашање безбедноста во сообраќајот. Токму затоа, РСБСП повторно апелира до сите учесници во сообраќајот  да бидат внимателни и одговорни, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, да внимават на правилата за ограничување на брзината, да не престигнуваат неправилно и да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол, истакнуваат од РСБСП. бк/паг/11:00

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ