Делегација од АЦВ во Монтреал на средби со челниците на ИКАО

Делегација од АЦВ во Монтреал на средби со челниците на ИКАО

Скопје, 14 март 2018 (МИА) - По повод одбележувањето на јубилејот - 25 години од членството на Република Македонија во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИКАО), делегација на Агенцијата за цивилно воздухопловство, предводена од директорот Горан Јандреоски, престојува во Монтреал во официјална посета на организацијата.

Како што соопштија од АЦВ, за време на посетата, Јандреоски се сретна со претседателот на Советот на ИКАО, Др. Олумуива Бернард Алиу, како и со други високи претставници на ИКАО и при тоа се заблагодари на досегашната голема поддршка, која ИКАО ѝ ја дава на Агенцијата за цивилно воздухопловство од зачленувањето на Република Македонија до денес.

- Република Македонија, како земја членка на ИКАО, успеа да ги надмине предизвиците со кои што се соочуваше во минатото и максимално да се посвети на подигнување на нивото на безбедност и сигурност во цивилното воздухопловство. Како резултат на ваквите заложби, за унапредување на капацитетите и квалитетот во своето работење, на Агенцијата, во 2017-та година ѝ беше доделен „Сертификат од Претседателот на Советот на ИКАО”, кој преставува потврда за напорите на Агенцијата при имплементацијата на стандардите и препорачаните практики на ИЦАО, но, и дополнителен мотив за АЦВ, уште потемелно и поамбициозно, да продолжи да работи на издигнување на македонското на ниво на високо профилираното европско воздухопловство, рекол Јандреоски.

јандровски монтреал 2

Според него, тоа немаше да биде возможно без помошта и поддршката од ИКАО

- Благодарение на вас, како меѓународна организација надлежна за регулација на цивилното воздухопловство, ние како македонски воздухопловни власти, успеавме да се интегрираме во глобалната воздухопловна заедница, да ги имплементираме стандардите и препорачаните практики на ИКАО како и националните регулативи, воедно подигнувајќи го квалитетот на знаење и компетентноста на македонските воздухопловни експерти, истакна Јандреоски.

Присутните на свеченоста ги поздрави и директорот на Бирото за администрација на ИКАО, Винсент Смит, од име на Генералниот секретар на организацијата, Фанг Лиу. На свеченоста покрај делегацијата од АЦВ, присуствуваше и Претседателот на Советот на ИКАО, постојаните претставници на земјите членки на Советот на ИКАО, комесарите од Комисијата за воздухопловна навигација, генералната директорка на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ) и истакнати членови на македонската заедница во Монтреал. вг/скс/13:46

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ