Сари: Наполи го заслужува Скудетото

Сари: Наполи го заслужува Скудетото

Лондон, 7 септември 2018 (МИА) - Менаџерот на Челзи, Маурицио Сари изјави дека неговиот поранешен клуб Наполи заслужува да го освои Скудетото и да стави крај на владеењето на Јувентус во Италија. Наполи минатата сезона освои 91 поен, но ова не беше доволно за да биде пред Јувентус, туку само за рекорден број поени на второпласираниот во Серија А.
 
- Се надевам дека е време за Скудетото, навивачите долго чекаат. Неапол е фантастичен град, ја заслужува титулата на шампион. Како фан на Наполи, мило ми е што дојде Анчелоти, има освоено се што имаше да се освои, рече Сари за локалниот „Ил Maтино“.
 
Харизматичниот експерт смета дека Јувентус стигнал до шампионската титула благодарение на големиот пресврт против Интер, кои играчите на Наполи го проследија и легнаа доцна, пред клучниот пораз од Фиорентина.
 
- Можеби многумина ќе се насмеат, но секој кој има играно знае дека ние го загубивме Скудетото во хотелска соба, рече Сари и изрази желба еден ден повторно да се врати во подножјето на Везув.
 
Наполи, кој го чека Скудето од 1990 година, ќе биде ривал на Црвена Ѕвезда во групната фаза од Лигата на шампионите, заедно со Ливерпул и Пари Сен Жермен. вз/12:00

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.