Несоодветниот отпад ја уништува пречистителната станица Куманово

Несоодветниот отпад ја уништува пречистителната станица Куманово

Куманово, 14 февруари 2018 (МИА) - Влажни марамчиња, хигиенски влошки и детски пелени прават илјадници евра штета на станицата. Кожа, коски од животни  висат закачени на главната решетка на пречистителната станица во близина на кумановското село Доброшане.

Сликите потсетуваат на секвенци од хорор филм, но чувството е уште поинтензивно, бидејќи е проследено со карактеристичниот мирис на канализациската мрежа. Мајсторот кој ја одржува неволно гледа и тивко коментира дека е можно повторно да се случи дефект на опремата. Помали животни, кокошки и прасиња, пластика, најлон, што граѓаните ги фрлаат во канализациската мрежа постојано го попречуваат работењето на станицата за чија изградба пред тринаесет години, швајцарската влада донираше 16 милиони франци. Опремата е скапа, тешко се набавуваат нови делови, велат од претпријатието,  ама тоа не ги загрижува кумановци да фрлаат влажни марамчиња, детски пелени и хигиенски влошки кои поради составот на материјалот не се разградуваат и ја затнуваат мрежата.

- За жал, со право можеме да констатираме дека еколошката свест на дел од граѓаните на Куманово е на ниско ниво. Најголем проблем за опремата се текстилните отпадоци кои не можат механички да се отстранат, бидејќи опремата не е наменета за таков вид отпад. Овој вид отпад  се провлекува низ целиот процес за прочистување на отпадната вода и е голем финансиски проблем за претпријатието, вели раководителот на станицата, Зоран Славковиќ.

Граѓаните и правните субјекти досега во сметката за вода и канализација плаќаа 8,5 денари за метар кубен за пречистување, што според податоците на кумановски „Водовод“ е најскапо во државата. На почетокот од функционирањето на пречистителната станица плаќаа само правните субјекти, но по неколку години оваа ставка ја плаќаа и граѓаните. Во формирањето на вкупната  цена на водата граѓаните плаќаат 25 денари, за фекална 5,5, за атмосферска канализација 1,05, за инвестиции 0,9 и за сирова вода 2,3 денари. И покрај тоа, што кумановци одвојуваат најголем процент од вкупните 46,4 денари за метар кубен, за пречистување на водата, тоа не ги спречува да фрлаат несоодветен отпад во канализациската мрежа.

Директорот на претпријатието, Горан Стојковски вели дека најскапи за одржување се пумпите кои работат 24 часа , а најголеми оштетувања предизвикуваат влажните марамчиња. Одржувањето на опремата во станицата го спроведуваат специјализирани фирми. Но, деловите се произведуваат исклучиво во странство, така што набавката е скапа и претставува финансиски товар за претпријатието. На годишно ниво ЈП „Водовод“ за одржување на пречистителната станица во зависност од водостојот одвојува од 12 до 15 милиони денари.

- Во овој период, се обидуваме да склучиме договор со италијанска компанија  која ќе го преработува милот кој се произведува во станицата и ќе произведува ѓубриво. Средствата што ќе се добијат од продажбата ќе се наменат исклучиво за одржување на пречистителната станица, рече Стојковски.

Ништо подобра не е ниту состојбата со дел од компаниите. И тие одвојуваат  8,5 денари за пречистителната станица за метар кубен што е највисока ставка во структурата на цената на водата која за нив изнесува 56,73 денари за метар кубен.

Од лабараторијата на пречистителната станица информираат дека повремено се случува водата да добие специфична темновиолетова боја, што според одговорните веројатно доаѓа од некоја од индустриите во градот.

- Отстапувања имаме во врнежливо време кога доаѓа до покачување на протокот на влезната вода. Пречистителната станица може да прими толку отпадна вода колку што дозволува нејзиниот капацитет. За да се исполнат барањата за ефектот на пречистување на комунални отпадни води, потребна е постојана контрола на капацитетот на пречистување со хемиски анализи, вели хемискиот инжинер, Габриела Ивановска, од пречистителната станица од Куманово.

Одговорните во станицата уверуваат дека и покрај ваквите отежнати услови за работа, успешно се справуваат со дефектите и го добиваат првично зацртаниот резултат, излезна вода од втора категорија.

- Апелиравме до граѓаните, со надеж дека ќе се подигне свеста, но за жал резултатот е занемарлив. Побаравме помош и од инспекторатите, но и тука немаме голем резултат, вели Славковиќ.

Пречистителна станица Куманово

Ниту една пријава до инспекцијата за фрлање отпад во канализациската мрежа

Од секторот за инспекциски надзор од општина Куманово, потенцираат дека кај нив нема пријава за пуштање отпад во канализациската мрежа ниту за граѓаните, ниту за правните субјекти. Во изминатиот период, реагирале само за еден случај,  кога граѓанин го затнал каналот на улица во густо населено подрајче во Куманово, фрлајќи бебешки пелени за еднократна употреба. Според Законот за јавна чистота, согласно член 14 не смеат да се  истураат или испуштаат течности во садови за отпад на улици во канали, реки и езера.

„Казните се многу високи, особено за правните лица се движат и до 4.000 евра, додека за граѓаните се 50 евра“, вели раководителката на секторот, Вера Лазаревска.

Од овој сектор потврдуваат дека граѓаните не се однесуваат совесно и оти фрлаат секаков вид отпад и во канализациската мрежа, но посочуваат дека пријави нема. Од инспекцијата објаснуваат дека доколку се забeлежи лице како фрла смет во отворите за канализациска и атмосферска вода, веднаш ќе му биде изречена казна.

Пречистувањето на водата е скапо, но е особено значајно за реките. Влезната вода има високи концентрации на азот, фосфор, а по пречистувањето станува вода од втора категорија која се испушта во реката Кумановка, која тече во близина на самата пречистителна станица.

- Во пречистителната станица Куманово се одвива биолошко отстранување на фосфор без употреба на хемиски супстанци, што е единствено во Македонија. Концентрацијата на фосфорот во излезната вода е со средна вредност од 0,5 милиграми на литар, што пак е неколку пати помала во однос на дозволената граница според европски стандарди и Законoт за води. Значи, водата што влегува во реката е втора категорија, релативно чиста за животинскиот и растителниот свет“-вели, Ивановска.

Пречистителна станица Куманово

Невладините еколошки организации ќе ги едуцираат граѓаните како да се однесуваат кон животната средина

Токму, поради скапата инвестиција, софистицираната опрема, бенефитите што ги има за зачувување на животната средина, важни за достигнување на европските стандарди за унапредување на квалитетот на животната средина, посочуваат невладините организации, граѓаните, треба да внимаваат на однесувањето кон животната средина. Решавањето на еколошките проблеми е сложен процес кој бара севкупен ангажман на сите  чинители во општеството ,почнувајќи од Владата, локалната самоуправа, јавните претпријатија, невладините организации, завршувајќи со секој поединец. Еколошко друштво „Липа“ од Куманово во наредниот период најави дека посебно внимание ќе посвети на едукација на граѓаните за заштита на водните ресурси, заштита на почвите и аерозагадувањето. Активностите за едукација ќе бидат преземени во заедничка соработка со ЈП „Водовод“ , локалната самоуправа. Предвидено е да се одржат  трибини и едукација на младите во основните и средните училишта во општина Куманово за подигање на еколошката свест.

- Човековата активост се повеќе доведува до уништување на биодиверзитетот и намалување на основните животни ресурси како што се водата, воздухот и почвата. Поопасно е менталното загадување кое доаѓа од ниската еколошка свест на дел од несовесните сограѓани кои придонесуваат да се зголемуваат еколошките проблемите, така што и покрај постоење на пречистиелни станици за кои се одвоени големи суми финансиски средства дополнително ја оптоварува работата со исфрлање несоодветен отпад во канализациската мрежа што честопати е причина за хаварија или прекин на работата на пречистителните станици, рече Љубиша Николиќ од еколошкото друштво „Липа“.

Клучно за зачувување на животната водна средина во Македонија е изградбата и отпочнувањето на работа на вакви прочистителни станици во сите региони.

- Апелираме сите заедно да се вклучиме во подобрување на животната средина  во општината, со што ќе создадеме подобри услови за здрав живот на денешните и идните генерации. Мисли глобално, делувај локално, велат од  „Липа“.

Пречистителна станица за отпадни води во село Доброшане е почната со изградба во септември 2003 година, а завршена во јуни 2005 година. Целата станица вклучувајки ги градежните работи и инсталирање на машинската опрема е донација од швајцарска Влада во вредност од 10 милиони евра. Станицата располага со капацитет за пречистување на отпадни води  наменети за  100.000 жители со можност за доградба при што капацитетот би се зголемил од 150.000 до 200.000 жители. Дел од националната стратегија за води се однесува и за системите за прочистување на отпадните води кои се особено значајни за човекот, бидејќи постои голем ризик од енормно дневно производство на отпадна вода. Пречистителната станица во Куманово е единстевната во Македонија која суштински функционира и има огромно значење за намалување на загадувањето на реките, не само за Кумановка, туку и за вардарското сливно подрачје.

Александра Максимовска

###

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ