• A-
  • A
  • A+
среда, 26 септември 2018, 

Презентирана предфизигибилити студијата за концептот „Охрид –паметен град“

Презентирана предфизигибилити студијата за концептот „Охрид –паметен град“

Охрид, 12 март 2018 (МИА) – Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ денеска ја презентираше предфизибилити студијата за проектот „Смарт Охрид“. Станува збор за план и визија за тоа како треба да се унапредува развојот на градот преку воспоставување одржлив транспортен систем во градот и околината што ќе ја зголеми мобилноста на населението, но истовремено ќе понуди решение за полесно и поефикасно движење во сезоната кога во градот има значајно поголем број луѓе и возила.

Концептот разработен во соработка со архитекти, експерти по урбанизам, животна средина, од областа на социјалната политика, подразбира мултимодален транспортен систем што би вклучувал централен пункт каде би се оставало возилото, а оттука се избира најразличен начин на превоз кон туристичките дестинации и атракции во градот и долж крајбрежјето.

- Станува збор за современ автобуски превоз со хибридни или соларни автобуси, туристички бродови на соларна енергија и велосипедска патека долж брегот на езерото. Со тие содржини се покриваат како потребите на локалното население, така и на туристите, без притоа да се врши антропоген притисок врз животната средина, појасни Ана Чоловиќ Лешовска.

ана лешовска

Проектот на воспоставување таков транспортен систем би се реализирал во четири фази и тоа преку утврдување концепт за тоа како би изгледал, потоа проценка на неговото влијание врз животната средина, третата фаза би се однесувала на проценка на социјалната компонента за тоа како локалното население би се вклопило во тој систем и конечно економската анализа односно компарација на придобивките наспроти трошоците.

-  Анализата покажува дека средствата што иницијално би се вложиле не се големи, уште повеќе што самиот концепт се базира врз создавање систем што е самоисплатлив, рече Лешовска притоа уверувајќи дека постои подготвеност кај голем број донатори и инвеститори во воспоставување таков систем што би придонел кон развој на охридскиот регион, а притоа да се зачува подрачјето не случајно заштитено од УНЕСКО како природно богатство, рече таа.

Идејата е преку концептот „Смарт Охрид“ да се анулира потребата од инвестиции за привлекување туристи преку т.н. „дизниленд“ проекти, напротив регионот развојот и стопанскиот бенифит да го наоѓа врз принципот екологија и економија заедно.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски истакна дека градот ќе ги следи препораките на УНЕСКО за заштита на градот и околината, но истовремено мора да води сметка за неговиот развој.

- Секако најголемиот проблем за реализација на овој проект се финансиските средства, кои според студијата би чинел некаде 15 милиони евра. Но, сметаме дека преку проактивност на Локалната самоуправа, заедно со изготвувачите на студијата и централната власт ќе успееме да го реализираме. Тој е во согласност со веќе предвидените еколошки проекти, а се поврзани со регулација на сливните подрачја, уредување на Студенчишкото блато, проекти што дефинитивно општината мора да се спроведе за да се обезбеди одржлив развој на градот, рече Стојаноски.

Охрид како град што неминовно мора да се развива мора да ги следи светските текови и техонолошки достигнувања кога станува збор за транспортот на луѓе и стоки. Предложениот премин кон интегрирана мобилност е комплексен и претставува вистински предизвик. Но независно колкава е подготвеноста на секој град за примена на модели на напредна мобилност, мора да развива визија како би изгледала интегрираната мобилност и на кој начин би еволуирал транспортот во него, притоа да се размислува за тоа како тоа да се спроведе со максимизирање на бенифитите и водејќи сметка за локалните приоритети и подобрување на животот на граѓаните. аб/скс/13:38

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ