• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

ЕЛЕМ: Нивото на водостојот на Охридското Езеро под контрола

ЕЛЕМ: Нивото на водостојот на Охридското Езеро под контрола

Охрид, 15 март 2018 (МИА) – Обилните врнежи од дожд и порастот на температурите кои придонесоа за брзо топење на снегот резултираа со зголемување на водотоците од охридското сливно подрачје и нагло зголемување на нивото на Охридското Езеро. Компанијата ЕЛЕМ што стопанисува со хидроцентралите Глобочица и Шпилје во рамки на своите овластувања и можности максимално се обидува нивото на езерото да го држи во оптималните вредности преку регулирање на испустот на вода во Црн Дрим.

Генералниот директор на ЕЛЕМ Драган Миновски денеска во Охрид истакна дека е формирана работна група задолжена секојдневно да ги следи состојбите, да врши анализа и проценка, со крајна цел да се анулираат ризиците од евентуални поплави, како долж крајбрежјето на езерото така и во течението на Црн Дрим.

- Нивото на езерото денеска е на 693,82 метри надморска височина, односно седум сантиметри над максимално дозволената кота. Во минатото се регистрирани и вредности повисоки од макималната кота 694 метри уредена со водостопанската дозвола. Нашите активности моментално се насочени кон максимално искористување на водниот потенцијал за производство на евтина електрична енергија, а притоа да се води сметка да не се поремети течението на Црн Дрим, истакна Миновски.

Временските прогнози за наредниот период укажуваат на можни дополнителни обилни врнежи што ќе ја усложнат ситуацијата, така што ЕЛЕМ ќе презема соодветни мерки за контрола на водостојот  на езерото.

Од ЕЛЕМ најавуваат дека за оваа година е предвидено да се спрведат детални анализи околу состојбите со водостојот на охридското сливно подрачје, а со инвестициските планови за нредната година да се пристапи кон евентуална реконстуркција на мостот на Црн Дрим кај Струга, со автоматска регулација на истекот на водата од Охридското Езеро.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски во оваа прилика истакна дека локалната самоуправа постојано ја следи ситуацијата околу нивото на Охридското Езеро и во координација со ЕЛЕМ ги усогласува активностите насочени кон регулирање на водостојот на реките од езерското сливно подрачје.

Преземени се одредени зафати за регулирање на коритата на реките Коселска, Далјан и Грашница, идентификувани на клучните критични точки. Моментално ситуацијата е стабилна, а со подобрувањето на временските прилики ќе се пристапи кон уредување и чистење на речните корита и каналите на подрачјето на Општина Охрид за минимализирање на потенцијалните опасности од поплави, рече тој.

Се поизразените климатски промени и изменетите хидролошки прилики налагаат конкретни активности во насока на следење и уредување на нивото на Охридското Езеро и реките од неговото сливно подрачје. Во таа насока формирана е мешана македонско-албанска работна група експерти задолжена за оптимализација на користењето на водниот потенцијал на езерото со оглед на новонастанатите околности. аб/са/11:46

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ