Зелени технологии и повисока свест во справување со отпадот

Зелени технологии и повисока свест во справување со отпадот

Скопје, 23 март 2018 (МИА) - Просекот и составот на отпадот во Македонија е ист како и во европските држави, но потребен е добар пристап со зелени технологии за да може да почне да го решава прашањето за справување со отпадот.  Важно е и да се развие свеста на граѓаните дека депониите не се обично место за фрлање отпад, туку место каде се создава енергија.

Тоа се дел од пораките изнесени на дводневната меѓународна конференција ГРЕДИТ 2018: „Загаденоста на воздухот и нерегулирани депонии“, што се одржува од денеска во Скопје во организација на Балканската асоцијација за животна средина, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, Пакомак, Организацијата ФУЕЛ...

Според Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет во Скопје, во Македонија се поставува добра практика во управувањето со отпадот. Направените анализи на количествата на отпад и на достапните и на исплатливите техники со кои треба да се управува овој процес покажале дека просекот и составот на отпадот во Македонија е ист како и во европските држави, но потребен е добар пристап со зелени технологии.

- Се надеваме дека во фазата на воспоставување на депониите ќе најдеме добри партнери и во Владата, општините и заинтересираните компании и ќе можеме да поставиме зелени технологии, наместо обични депонии. Граѓаните да разберат дека тоа се зелени оази во кои се создава енергија, а не се фрла ѓубре, изјави Димитровски.

Таква е пораката и на потпретседателот на Балканската асоцијација за животна средина Џабер Занбак, кој вели дека техничкиот дел за отворање и управување на депоните е полесниот дел и оти ќе треба да се вложат напори во потешкиот, развивање на свеста на граѓаните дека треба да постојат и зелени депонии.  Сепак, посочи, депониите не се крајно решение за  управување со отпадот.  - Потребно да поставиме примарна и секундарна селекција и со тоа да  го подигнеме нивото на работење со отпадот во Македонија, изјави Занбак.

Како што информира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, досегашниот локален пристап во  решавањето на депоните во Макеоднија ќе биде  променет во регионален.

- Сметаме дека со ваквиот пристап ќе биде интересно да се направат и  јавни приватни партнерства во што и државата ќе даде свој  значителен придонес за рециклирање на целокупниот  отпад односно од она што денеска го имаме како негативна појава да успееме да направиме проекти кои ќе бидат  позитивни и профитабилни, како за инвеститорите во тие проекти така и  за целокупната јавност,  рече Анѓушев.

Ќе се определат локации за регионалните депонии, во кои ќе се инсталира опрема којашто, пред се, ќе прави селекција, а потоа и преработка до крајни производи. 

- Првин ќе бидат издвоени металите, пластиката, органскиот отпад од кој може да се произвеудва био гас и од него понатаму да се добива електрична енергија, а додека од целиот  отпад кој е согорлив може да се направи гориво кое ќе се користи за индустриски потреби, појасни вицепремиерот Анѓушев. 

Неопходно е, како што укажа,  и решавање на проблемите со отпадните води, за што се имплементира и проект за управување со пречистителна станица на отпадните  води на град Скопје, како најголем загадувач на Вардар, а и понатаму се разбира на останатите општини.

Состојбите со канализациската мрежа, до која во цела држава имаат пристап само 18 проценти од граѓаните, ќе се подобруваат со проекти што ќе се финансираат со 40-те милиони евра што турски ТАВ требаше да ги вложи во изградба на карго аеродром, но беше оценето дека нема исплатливост.  Анѓушев очекува по уплатата на парите од крајот на годинава и на почетокот на следната да се реализираат сите проекти кои ќе бидат определени за финансирање.

- Решавањето на еколошите проблеми не е евтино, но не значи дека не треба да го решаваме и токму затоа 40-те милиони евра кои се од ТАВ ќе бидат наменети исклучиво во решавање на вакви проблеми. Владата и ќе се задолжи со одредени средства и со помош на ИПА средства ќе финансира  пречиститлени станици на вода и ќе организира регионални депонии. Очекуваме во мандатот на оваа Влада многу од овие пробеми да бидат решени, изјави  Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања.

Во тек на двата дена на конференцијата ќе бидат презентирани преку 150 научни трудови на научници од 20 држави. лв/дма/11:59

###




 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ