Дебата за воспоставување на заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница

Дебата  за воспоставување на заштитени подрачја во сливот на реката Брегалница

Штип, 27 Март 2018 (МИА) - Во рамките на проектот Програма за зачувување на природата во Македонија, кој е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, а координирана од Фармахем, денеска во Штип се одржа „Регионална дебата за воспоставување на заштитени подрачја во сливот на река Брегалница“. На состанокот учествуваа претставници од сите 11 општини во Источно планскиот регион.

Гости панелисти на дебатата беа Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, Николчо Илиев, градоначалник на Општина Кочани и претседател на Советот на Источен плански регион, помошник директорот на „Македонски шуми“, Борче Бојчовски, раководителката на Центарот за Источен плански регион, Драгица Здравева како и Раководителот на одделението за планирање и користење на шумите, Сектор за шумарство и ловствопри Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јурант Дика.

Макрадули истакна дека го радува што градоначалниците се единствени и што истокот ќе добие заштитени подрачја, кои ќе му носат и бенефит. 

- Брегалничкиот регион е многу малку познат по своите природни вредности во Македонија, на оваа дебата ќе зборуваме за идните заштитени подрачја во регионот и ќе демантираме дека заштитените подрачја го кочат економскиот развој во регионот. Сметам дека напротив од заштитените подрачја може и да се заработи и добро за се живее, а ова е предност за населението што овде живее ќе има корист од екосистемските услуги и други предности кои произлегуваат од развој на екотуризмот. Гледам дека и градоначалниците се подготвени за заштита на нови подрачја и тоа ме радува, рече Макрадули.

Главен столб на втората фаза од Програмата е прогласување на заштитени подрачја во Источниот плански регион, истакна тим лидерот на Програмата, Марјана Шушлевска

- Препораките произлегоа од анализата на податоците за биолошката разновидност добиени со истражувањата во првата фаза. Оваа дебата ја организираме со цел, на еден транспарентен начин, да го истакнеме регионалниот и партиципативен пристап кој Програмата го промовира во текот на имплементацијата на активностите, како и да ја зајакнеме интерсекторската соработка при носење на одлуки кои се однесуваат на зачувување на природата, рече  Шушлевска.

На денешната дебата прашања за предизвиците од прогласувањето на нови заштитени подрачја во Сливот на реката Брегалница како и начинот на управување на идните заштитени подрачја имаа можност да постават претставници на локалното население од општините од ИПР, сточари, пчелари, претставници на рударскиот сектор...

Во моментов површината на постојните заштитени подрачја во Сливот на Река Брегалница изнесува само 0,03 проценти од севкупната територија. Со програмата за зачувување на природата во Македонија до 2020 година се предвидува овој процент да се зголеми на минимум 3 отсто заштитени подрачја или површина од минимум 13.000 хектари на целиот слив.

Градоначалниците од регионот, кои учествуваа на дебатата сметаат дека придобивки за целиот регион ќе има доколку се заштитат едно поголемо подрачје како на пример Осогово и едно помало подрачје во Малешево. Тие ценат дека со ваков приод ќе обезбедат услови за подобра и поорганизирана заштита на природата и нејзините ресурси, а воедно истите ќе ги стават во функција на регионалниот економски развој. Ова би довело до подобра основа за развој и промоција на туризмот како една стопанска гранка која е во подем и ќе се обезбедат услови за брендирање на веќе препознатливите производи од регионот. Поголемото подрачје ќе вклучи повеќе општини, а  корист може да имаат и останатите општини кои гравитираат кон ИПР.

Во рамки на Програмата за зачувување на природата во Македонија, предвидено е во следниот период да се изготви потребната законска документација за отпочнување на постапката за прогласување на заштитени подрачја, како подготовка на Студијата за валоризација на идното заштитено подрачје, која покрај природните вредности ги вклучува и социоекономските аспекти, опфаќакреирање на граници со клучните страни, дефинирање на тело за управување, како и план за управување.

Програмата за зачувување на природата во Македонија се спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Центарот за развој на источен плански регион и 11 општини од Источно планскиот регион, Јавното Претпријатие „Македонски Шуми“, Македонско еколошко друштво, Шумарскот факултет во Скопје и Бернскиот Универзитет за применети науки, како и со партиципативно учество на сите чинители. вдј/бк/14:46

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Казна за непристојните во градскиот превоз

Многумина, поготово момчињата имаат навика во авто...

Мел Гибсон снима преработка на „Дивата орда“

Познатиот глумец и режисер Мел Гибсон ја подготвув...

Почина уште еден актер од серијата „Синови на анархијата“, втор во три месеци

Глумецот Пол Џон Васкез, кој е познат по улогата в...

Вили на Босфорот се продаваат за цени и до 100 милиони долари

Шеесет луксузни вили на Босфорот, т.е. во Истанбул...

Со масло за јадење бркале зли духови од музеј

Суд во Атина осуди две бугарски државјанки на чети...