• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Езерото Козјак - убавина и срам

Езерото Козјак - убавина и срам

Скопје, 25 април 2018 (МИА) - 

Прекрасна природа, живописен и недопрен предел што остава без здив, но и 

теписи од пластика, шишиња и отпад. 

Тоа е жалниот контраст што го зетекнуваат посетителите на езерото Козјак, најголемата вештачка акумулација во Македонија.

 

 

 

Преку 150 совесни граѓани изминатиот викенд на Светскиот ден на планетата Земја со еколошка акција се обидоа да ја сменат грдата слика на Козјак.

Новинарска и форорепортерска екипа на МИА учествуваше во акцијата на Министерството за животна средина и просторно планирање кое заедно со повеќе граѓански здруженија ја чистеа акумулацијата од пластика. 

козјак

До туристичката населба Близанско на брегот на Козјак каде што започна акцијата стигнаве преку патот за Драчево, каде свртевме десно кон Маркова сушица, а продолживме преку Нова Брзеници за патот кон Јасен. Од тука патот е со режим на движење. Од Скопје до Македонски Брод можете да поминете од 6:30 до 9 часот и од 16 до 18 часот, а за назад од пет до шест часот и од 18:30 до 20 часот. Патот е тесен и може да помине само едно возило. Нашата екипа пристигна за час и половина до местото каде се одвиваше еко акцијата.

јасен

Природата низ која поминавме, живописниот предел не оставаа без здив. Недопрениот предел кој со години беше забранет за обичните посетители сега имавме можност да го видиме. Си поставиме прашање, зарем дозволивме и овде да се организираат акции за чистење во која природа само неколку години е дозволен пристапот.

Кога пристигнавме во близина на езерото симнуваќки се од сртот на Јасен забележавме дека заливите на акумулацијата,  беа запоседнати од рибари. Тие се чести посетители. Езерото има богат рибен свет. Тука се среќаваат кленот, крапот, виножитната и поточната пастрмка, мрената, боцкалката, попадиката, вардарката и скобустот.

козјак

Глетката на брегот пред туристичката населба Бежанско, беше жалосна. По цела должина беше прекриен со пластични шишиња кои според мештаните се дело на несовесните рибари кои доаѓаат преку целата година.

козјак

Во акцијата за чистење на езерото се приклучи и чешкиот амбасадор во Македонија Хенри Маркуш кој забележа дека Македонија е прекрасна земја, но и дека тој ден ја видел и другата страна на нашата држава. Рече дека ситуацијата е алармантна и дека треба да проработи совеста на секој жител за почиста животна средина.

козјак

Кајакарите, нуркачите и останатите граѓани ги наполнија вреќите со пластика и ги предадоа на комуналното претпријатие од Македонски Брод кое исто така ја помогна акцијата. Се надишавме чист воздух и тргнавме назат кон урбаната џунгла која во споредба со расфрланата пластика и не е многу различна. Сепак, природата која таму ја видовме и катастрофата која ја затекнавме не не оставија рамнодушни да си го сочуваме чувството само за себе.

козјак

Езерото Козјак кое е создадено пред 14 години е оддалечено од главниот град на 50 километри. Сместено помеѓу планината Сува Гора и резерватот „Јасен“. Долго е 32 километри, а максималната широчина е 400 метри. Достигнува длабочина наместа и до 130 метри. Податоците кои ги најдовме за езерот покажуваат дека тоа се наоѓа на идеална надморска височина од неполни 300 метри. Основата на браната е 500 метри, а круната или врвот 310 метри. Водите на реката Треска кои го напојуваат езерото, се вбројуваат меѓу најчистите води на Балканот. Езерото акумулира 570 милиони метри кубни вода. Функционалноста на Акумулацијата е таканарачениот воден лифт со кој се регулира водостојот на водата во езерото, а пак благодарение на кој заканите од поплави на Скопје, предизвикани од нестабилноста на водите на Треска, сега се веќе минато. Се смета дека Козјак ќе обезбедува вода за пиење и индустриска вода во наредни 100 години.

Борис Куноски

Фото: Фросина Насковиќ

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ