Скопје и шест општини ќе добијат средства за канализациски системи

Скопје и шест општини ќе добијат средства за канализациски системи

Скопје, 21 мај 2018 (МИА) - Финансиски средства ќе добијат Град Скопје и општините Битола, Шуто Оризари, Берово, Тетово, Липково, Врапчиште, за изработка на техничка документација и изградба на канализациски системи и системи за одведување и пречистување отпадни води. 

Ова го предвидуваат договорите што денеска ги потпишаа министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и градоначалниците на Град Скопје и на општините Битола, Шуто Оризари, Берово, Тетово, Липково и Врапчиште. Средствата се доделени согласно Програмата за инвестирање во животната средина за годинава и се во висина од 45 милиони денари, а се наменети за 36 општини за 42 проекти.

Министерот Дураки истакна дека средствата се распределуваат во областите кои се однесуваат на заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите, заштита на природата и биолошката разновидност, подигнување на јавната свест, едукација и обука во животната средина и во поттикнување образовни, истражувачки и развојни студии, програми, проекти и други активности за заштита и унапредување на животната средина и природата.

Потпишување на договори МЖСПП- Со тоа Министерството за животна средина и просторно планирање продолжува и финансиски да ги помага локалните самоуправи во делот на управувањето и заштитата на квалитетот на водите, бидејќи со тоа се обезбедува не само почиста животна средина, туку и директно се влијае врз здравјето на жителите, додаде Дураки.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека со потпишување на Договорот, градот Скопје ќе добие два милиони денари од страна министерството за изградба на фекална канализација од постоечкиот атмосферски колектор во општина Чаир.

Потенцира дека тие два милиони денари претставуваат една третина од вкупните финансиски средства потребни за реализација на овој проект. Остатокот, нагласи, ќе биде обезбеден од страна на градот Скопје со што конечно густо населената улица „155“ во општина Чаир, ќе добие фекална канализација.

- Мене ми е жал што во 21 век се собираме со ваков повод, а тоа е поставување фекална канализација во урбани средини. Северниот дел на градот Скопје долги години кога е оваа инфраструктура во прашање бил запоставуван. Ваквото запоставување на северниот дел од градот го зголемува притисокот на јужниот дел од градот со што двете страни на Вардар истовремено губат. Како градоначалник ќе се погрижам сите општини во градот да добијат еднакви можности за развој, додаде Шилегов. рп/сд/14:27

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ