Потребна е реконструкција на колекторскиот систем во Охридското Езеро

Потребна е реконструкција на колекторскиот систем во Охридското Езеро

Струга, 5 јуни 2018 (МИА) – Состојбата со колекторскиот систем во Охридското Езеро е лоша, оценија првите луѓе на јавните претпријатија „Проаква“ од Охрид и од Струга, Владимир Алексиоски и Јетон Шакири и охридскиот градоначалник Јован Стојаноски при денешната посета на пречистителната станица во струшкото село Ложани.

Директорот на струшка „Проаква“ Јетон Шакири, на 30-годишниот јубилеј од изградбата на колекторскиот систем, изјави дека поради неадекватното одржување и дотраеност на опремата, состојбата е доведена до колапс.

- Дел од непрочистени води целосно се влеваат во реката Црн Дрим и во Охридското Езеро, изјави Шакири.

Неговиот охридски колега Алексиоски појасни дека кога дошол на функцијата директор, пречистителната станица осум месеци претходно не работела. - По напорна работа од месец ипол ја ставивме во функција, но поради дефект од претходно неодржување и неконтинуирано следење на состојбата, повторно не работи, рече Алексиоски.

Градоначалникот на Охрид изјави дека во договор со Владата во септември се очекува да почне ревитализацијата на постоечкиот или изградба на нов колекторски систем. Најави дека со ребаланс на општинскиот буџет предвидено е да се обезбедат два - три милиони денари и од Владата да се добијат 10-15 милиони денари за набавка на девет нови прочистителни станици. 

- Општина Охрид и ЈП „Проаква“ добија две пумпни станици од Министерството за животна средина и просторно планирање, а ни требаат 11 за да може овој колекторски систем нормално да фунционира. Со ребаланс на буџетите ќе обезбедиме средства за набавка на уште девет, со што ќе се овозможи тековно функционирање на колекторскиот систем до крајното решение, односно ревитализација на постојниот или изградба на нов колекторски систем, рече Стојаноски.

колекторски систем струга

Според Ваит Ајро, експерт за животна средина, пумпните станици се во критична состојба и може да престанат со работа. Потребно е под итно системот да се стави во целосна функција, смета Ајро, појаснувајќи дека колекторот прифаќа 400 литри во секунда од кои предвидени се 250 од Охрид и 150 од Струга, но оти во моментот во реката Црн Дрим се излеваат 100 отсто од фекалните води.

Колекторскиот систем на Охридското Езеро е изграден за прифаќање, пречистување и одведување на сите отпадните води од Охрид и Струга со капацитет од 40.000 метри кубни дневно. На почетокот биле изградени 13 пречистителни станици во двата града, но со проширување направени се повеќе од 20 станици. сс/бак/14:48

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ