• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Промовиран проект за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“

Промовиран проект за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“

Битола, 8 јуни 2018 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки заедно со амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар и постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон остварија работна посета на Националниот парк Пелистер.

Во рамки на посетата на најстариот национален парк во Македонија беа промовирани институциите кои добија грантови од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, односно Националниот парк „Пелистер“ и уште 7 други заштитени подрачја како што се Галичица, Маврово, Дојранско Езеро, НП Преспанско Езеро и НП Езерани, подрачјето Матка - Водно - Сарај, заштитеното подрачје Јасен и за Охридско Езеро – Сатеска Река.

- НП Пелистер е еден од осумте проекти за големи заштитени подрачја. Од овој проект очекуваме да помогне во препознавање на социјалните и економските придобивки што произлегуваат од заштитата и поодржливото управување со природните ресурси во заштитените подрачја, а истовремено да ги зголеми капацитетите на локалните самоуправи и граѓански организации за управување и промовирање на заштитените подрачја на професионален и одржлив начин, изјави министерот Дураки.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА-2, Секторска оперативна програма за еколошка и климатска акција 2014-2020 а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во тесна соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

- Финансиската поддршка на ЕУ во контекст на заштита на природната средина е процес кој што продолжува. Ние како ЕУ не ги штедиме нашите напори и се со цел да ја приближиме државата се поблиску до стандардите на ЕУ кои се во контекст на заштита на животната средина, освен во ова, ЕУ инвестира и во природните капацитети кои претставуваат можност за развивање на други можности што ќе дадат одржлив развој. Инвестирањето во природата и инвестирање во иднината, рече меѓудругото амбасадорот Жбогар на промотивниот настан во Националниот парк „Пелистер“-Битола.

Според Луиза Винтон претставничка на УНДП во Македонија, заштитата на природата значи живеење во поздрава планета.

- Македонија има мрежа на заштитени зони, но, во овој момент таа заштита е само на хартија, а нашата цел е да се изврши трансформација, односно заштита на животната средина од теорија во пракса, порача Винтон.

Проектот за НП „Пелистер“-Битола е со буџет од околу 300.000 американски долари кои ќе бидат вложени за заштита од пожари за што ќе се набави теренско возило за гаснење на пожар, исто така ќе биде набавен дрон за набљудување на пожар и брзо дејствување, а планирана е кампања за заштита на природата, изградба на велосипедски патеки во должина од 50 километри како и патеки за пешачење. Проектот завршува во месец септември 2019 година, беше истакнато на денешниот промотивен настан во НП „Пелистер“-Битола, а на кој учествуваа и градоначалниците на Битола и Ресен, Наташа Петровска и Живко Гошарески. мт/сст/14:04

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ