Климатските промени и геологијата

Климатските промени и геологијата

Струга, 2 јули 2018 (МИА) - Промена на количината сончева топлина, што се задржува на површината на земјата и нејзината распределба, како и многу други фактори што се испреплетуваат во различни временски периоди предизвикуваат климатски промени.

Професорката по геохемија и геохемија на животната средина на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Соња Лепиткова вели дека укажувањата на геолозите и екологистите за нагли промени на темпратурата несвојствени за соодветниот период од годината и огромни температурни разлики биле прифаќани со неверување. Но, според неа, постои загриженост дека климата на земјата и понатаму ќе се затоплува поради очекуваниот прираст на СО2 предизвикан од растотот на популацијата. Климатските промени што сега ги чуствуваме во атмосферата се причинети од некои глобални случувања внатре во планетата.

Соња Лепиткова

- Пред 10-тина години кога стана актуелна оваа тема, како геолози укажувавме дека многу брзо во Македонија ќе дојдат состојби на екстремни промени во температурите, ќе имаме сончеви периоди во ноември и температури од над 25 степени, а во мај-јуни врнежи од снег, ќе имаме дождови, кои во еден момент ќе уништат се и ќе предизвикаат разорни последици. Бевме прифаќани со неверување. Нашите археолошки ископини сведочат дека нагли климатски промени имало и во минатото, што треба да ни биде поука, вели Лепиткова.

Како пример ја посочи Наколната населба во Охрид, која покажува дека на тој простор немало езеро, било копно каде живееле луѓе. Тоа пак, укажува дека состојбите со водостоите, нивото на водите, реките, езерата и морињата не бил секогаш таков како што е сега.  Според геолошките истражувања континентите се поместуваат, окенаските базени се отвараат и затвараат, планините растат и се намалуваат. Вулканските ерупции испуштаат гасови и прав високо во атмосферата, предизвикувајќи времено ладење. Промените на гасови во атмосферата како водена пареа, CO2 и CH4 влијаат на климата преку ефектот на стаклената градина.

- Затоа ние луѓето треба најмногу да сме чувствителни и сите заеднички на глобално ниво да внимаваме што правиме на тој поглед, бидејќи не знаеме кој првично ќе ги чуствува последиците. Во сите стратегии на глобално и регионално ниво делот околу Медитеранот и во историјата наназад и сега е еден од најчувствителните на климатските промени.  Во минатото Африка и Европа биле еден континент, кои потоа со депресија и формирање на Средоземното Море се раздвојуваат. Имало и пролази каде било многу плитко, па дури и места каде луѓето можеле да се движат низ копно. Потоа се формира Средоземното Море со геотектонски движења, појаснува Лепиткова.

Докази за климатските промени, додава професорката, постојат во голем број геолошки средини: морските и езерските седименти, ледените плочи, фосилните корали, сталагмитите и фосилните годови на дрвјата. Напредок во геолошките истражувања на терените, лабараториските техники и нумеричкото моделирање им овозможуваат на геолозите со голема веројатност да покажат како и зошто се променила климата во минатото.

На краткорочен план ова изгледа чудно,  но долгорочно, нагласи професорката по геохемија, на планетата се случувале и ќе се случуваат вакви промени. За одреден период повторно ќе има растресување на земјиштето во некои делови, онаму каде што има услови за вулкани ќе се активираат...

Земјата е жива планета и на неа треба да гледаме како на живо тело

планета земја

Во геолошката ера на формирање на видовите на земјата, која го овозможила развојот на растителниот и животнинскот свет се случувале многу циклични промени во климата, во зголемување на површината и нивото на океаните формирање на планински масиви, изразит вулканизам. Постојат периоди кога тоа било многу изразито. Во записите од испитувања на седиментите во одредени области на Кина и во Мексико, каде се смета дека удрил најголемиот астероид пред 65 милиони години, при нивно испитување на изотопите укажува дека на планетата Земја се случувале многу промени на климата од менување на есктремно ледено доба до есктремно поволни климатски услови на опстојување на животински и растителен свет со огромни димензии, како што биле диносаурусите, огромните шуми во одредени области каде дрвјата достигнувале и неколку стотици метри. Тоа укажува дека Земјата е жива планета, планета која пулсира, живее и на неа треба да гледаме како кон живо тело.

Човечките активности главна причина за климатските промени

Она што денеска ни се случува за разлика од некои времиња кога земјата ја удриле астероиди или промена на други состојби, според професорката Лепиткова, е последица на човечкото однесување и неговите активности посебно во последните 100-тина години. Т

загадувањеоа е ослободување на СО2, односно стакленичките гасови во огромни количини за да си овозможиме поудобен живот. Додавањето на големи количини СО2 во атмосферата глобално ја зголемува температурата што доведува до повисоко ниво на морињата и поплавување на ниските крајбрежја, промена на врнежите,...

Човекот најзагрозен од климатските промени

Од сите животински и растителни видови човекот е најчувствителен на климатските промени. Растенијата можеби тешко ќе преживуваат под екстремни и неприродни услови, но некои модифицирани форми ќе опстојат како и порано. Но, човекот за да произведе храна ќе мора да ја третира со пестициди и други хемикалии, кои ќе ја загрозуваат почвата, воздухот, подземните води и штитејќи ја храната се загрозува нејзиниот квалитет. Ќе има се помалку чисти и питки води, ќе треба да се бара технологии за нивна преработка, а се што е хемиски третирано ќе влијае на нашето здравје. Тоа е еден ланец кој најнегативно ќе влијае врз човекот.

Република Мекедонија иако има стратегии за ублажување на последиците од климатските промени, тие остануваат само на хартија. Не се презема многу за едукација на земјоделците, како да се приспособат на новите предизвици што им ги нуди природата. Малку се говори и во здравството како населението да се заштити од климатските промени, како да се храни...

Како да ги ублажиме последиците од климатските промени?

Дебар екологија

Едукацијата од најрана возраст е една од мерките за намалување на последиците од климатските промени. Децата се најмногу свесни и внимаваат што помалку отпад да има, кој кога се пали испушта фурани, диоксини и гасови кои се екстремно штетни. Треба да внимаваме и во градбите, да користиме што повеќе природни материјали и да ги правиме енергетски ефикасни, што помалку пестициди во земјоделството, наместо автомобили алтернативни средства и пешачење, да не ги загрозуваме водите... Македонија изобилува со сончеви денови и сончевата енергија да ја користиме максимално. Ние како држава неможеме да влијаеме на глобално ниво, но можеме да се заштитиме и да ги намалиме последиците.

Слаѓана Стојкова Костоски

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ