Прогласени победниците на натпреварот за зелени бизнис идеи

Прогласени победниците на натпреварот за зелени бизнис идеи

Скопје, 6 јули 2018 (МИА)Вкупно 11 учесници ги претставија своите идеи на финалето на македонскиот натпревар за зелени бизнис идеи, што во организација на здружението „АРНО“ вчера се одржа во Скопје.

Жири комисијата ги избра идеите „ЕКО-ДЕТЕ“  на Јасмина Главинчевска од Визарт, „Дизајн за сите од отпаден материјал“ на Марија Митевска од Пинк Суппорт и „Гаџун - лек за кралевите и крал на лековите“ на Кристина Тодорова од Ековита.

Финалистите се преставија со идеи за бизниси кои имаат економска логика, позитивно влијание врз природата и заедниците и елемент на иновација.

Покрај победничките идеи македонските граѓани се натпреваруваа со идеи за редизајн на велосипеди, мобилна апликација – игра за мапирање на отпад, природен сапун од козјо млеко, иновација во системот за наводнување - Дропсавер, брендирани млади органски салати, продавничка за рефус производи, пчеларска кооператива за органски мед и восок, услуги за боење облека со природни бои.

- Во нашата земја има луѓе кои имаат познавања од многу области, тие доаѓаат од еколошки друштва, банки, здруженија кои неуморно работат. Со здружување може многу да направиме, ова е доказ дека првиот чекор кон зелената економија е препознавањето на идеите, а понатаму, секако, и поддршката, изјави координаторот на проектот, Ирина Јаневска.

зелени бизнис идеиТројцата победници на национално ниво добиваат награда - вредносен ваучер за консултантски услуги, доделен од „МКА2000“.

Марија Митевска од Пинк Суппорт вели дека се лоцирани во село Опила, на два километри од општината Ранковце, 20 километри оддалечени од Крива Паланка и се единствени во регионот, а може и пошироко, што сакаат да создава парчиња од материјали кои се фрлаат во огромна количина.

- Побарувачка постои за дизајни за лица со посебни потреби, но во Македонија се уште е табу и повеќето се снаоѓаат како знаат. Замислете кога на слепо лице ќе му направиш маица со етикета која може да му каже преку Брајовото писмо која величина е, боја, и модел, или дизајн на принт каде што се чита на Брајова азбука, изјави Митевска.

Кристина Тодорова од Ековита-Неготино вели дека е горда што е национален победник за зелена идеја.

- Тука сме да донесеме еден нов поттик во Повардарието, и да охрабриме развој и на други инциијативи за финални производи од нашиот град, нагласува Тодорова.

„ЕКО-ДЕТЕ е линија на производи за деца (сликовници, боенки, блокчиња за цртање, покани за родендени и сл.) која може да се засади во земја и од неа никнуваат растенија.

- Реупотребливата хартија во специјално дизајнирани кутии ќе ја собираат децата во градинките и училиштата, лица со посебни потреби и други социјално ранливи категории на граѓани ќе ја рециклираат и од неа ќе создаваат нова. Производите ќе можат да се купат онлајн, во книжарници и игротеки,  изјави Јасмина Главинчевска од Визарт.

Победничките три идеи во периодот од 18 до 21 јули ќе учествуваат на регионалниот натпревар во Маврово и ќе се борат за награда од 10.000 долари. дма/17:11

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ