• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

ЕК разгледува дали рестрикциите врз челикот за Западен Балкан се исправни

ЕК разгледува дали рестрикциите врз челикот за Западен Балкан се исправни

Брисел, 6 август 2018 (МИА) - По писмото на Босанската влада до Европската Комисија, во кое Сараево бара изземање од новонаметнатите рестрикции врз увозот на челик во ЕУ и во кое босанскиот министер за трговија тврди дека овие квоти ја нарушуваат Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација (ССА), Европската Комисија во одговор до МИА вели дека ги разгледува наводите на Босанската влада.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, од Европската Комисија велат дека ги земаат предвид „сите релевантни фактори, вклучително и оние кои ни ги предочуваат странските партнери“.

По зголемените царини врз увозот на челик од ЕУ од страна на САД, Европската Унија воведе заштитини мерки за сопствениот пазар, антиципирајќи можен наплив на челик и челични производи од трети земји начелно планирани за американскиот пазар. Овие заштитни мерки ја засегаат и Македонија и земјите од Западниот Балкан.

Македонската влада оствари средба со еврокомесарката за трговија за да побара изземање од овие мерки, но безуспешно.

Овие мерки за сега се привремени и беа воведени на 19 јули, а ќе траат 200 дена. Потоа, Европската Комисија ќе ги ревидира и ќе одлучи дали треба да бидат трајни, да се модифицираат или да се укинат. До тогаш не е исклучено САД и ЕУ да постигнат договор за билатералниот трговски спор.

Босанската влада пред три дена испрати писмо до европската извршна власт во кое бара изземање од мерките и потсетува дека производството на челик претставува 2,5 отсто од босанскиот БДП, како и 3000 работни места. Во Македонија, стапката е над пет отсто, и според Здружението на металургија, директно се засегнати 3000 работници, а индиректно 15.000.

Од Европската Комисија повторуваат дека новите рестрикции важат за сите трети земји, со ограничен број исклучоци, пред сѐ земји во развој.

- Европската Комисија продолжува со својата истрага за да види дали се потребни и оправдани дефинитивни заштитни мерки, наведуваат од Комисијата.

Запрашани дали го разгледуваат аргументот на Босна и Херцеговина за прекршување на Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација, од ЕК за МИА посочуваат дека “во овој процес ги земја предвид сите релевантни фактори, вклучително и оние кои ни ги предочуваат странските партнери“. тм/вг/16:14

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ