Азески: Изградбата на автопатот двојно ќе ја зголеми размената со Косово

Азески: Изградбата на автопатот двојно ќе ја зголеми размената со Косово

Скопје, 3 септември 2018 (МИА) - Инфраструктурата е основа за развој на една земја. Во наредните три години земјите од Западен Балкан треба да работат на развој на индустријата, зголемување на извозот и реализација на инфраструктурни проекти, бидејќи само тоа може да даде резултати и да го зајакне приватниот сектор, порача претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески по средбата со косовскиот колега Берат Рукичи на излезот на веќе завршениот дел од автопатот Приштина-Скопје во близина на косовското село Доанај кај Качаник.

Тој посочи дека нивното присуство денеска на терен треба да биде патоказ каде треба да се наоѓаат раководствата на стопанските комори.

- Нивното место е во фирмите и инфраструктурните објекти, односно таму каде што се создаваат услови за подобар бизнис, а се помалку во фотелјите, бидејќи тој начин на работа досега не даде добри резултати, рече Азески.

Автопат Косово 2

Нагласи дека изградбата на автопатот до границата со Македонија ќе придонесе двојно да се подобри економската соработка меѓу двете земји во наредните пет години и вети дека ќе се заложи кај македонската Влада да се скрати рокот за реализација на делот од автопатот во нашата земја, зашто, како што рече, е нужно потребен за стопанството, но и за граѓаните.

- Им порачуваме на политичките елити од Западен Балкан да ги забрзаат процесите на интеграција, бидејќи бизнисот нема време да ги чека. После 30 години конечно сфативме дека регионалната соработка е основ на нашиот напредок. Токму ЕУ е создадена на база на регионите, функционира и ќе се развива на база на регионите. Затоа не е логично да имаме послаба соработка во регионот отколку што имаме со земји кои се илјадници километри одалечени од нас, рече Азески и додаде дека за развојот на регионот е неопходна реализација на инфраструктурни проекти, развој на индустријата и зголемување на извозот. 

На владите од регионот им порача да ја поддржат индустријата, инфраструктурата и извозот, бидејќи,  како што рече, не може да опстанат со 70-отстотно учество на услугите во креирањето на БДП. 

Автопат Косово 1

Претседателот на Стопанската комора на Косово, Рукичи посочи дека приватниот сектор напредува многу побрзо од политиката и додаде дека високите политики, како што се референдумот во Македонија и дијалогот меѓу Косово и Србија, претставуваат пречка стопанството да биде меѓу приоритетите на земјите од регионот.

- Ниту еден политички процес не треба да смета на стопанскиот развој. Им порачуваме на нашите влади, но и на владите од регионот на Западен Балкан дека се потребни многу поголеми инвестиции во инфраструктурата. Токму инфраструктурата е причината што денеска сме тука, рече Рукичи.

Тој нагласи дека Владата на Косово направи одлична работа во областа на инфраструктурата и додаде дека е при крај работата на автопатот кон Скопје и се очекува да биде завршен до крајот на годината.

- Тоа отвора нови можности и хоризонти за соработка меѓу двете земји кои немаат никакви економски бариери. Мораме повеќе да сториме во насока на зголемување на инвестициите и взаемната инфраструктура. Апелирам и македонската Влада што побрзо да ја заврши делницата на нејзината територија, посочи Рукичи.

Автопат Косово

Покренавме и заедничка регионална инцијатива, потенцира, која има за цел забрзување на интеграциските процеси преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ).

- Целта на КИФ е зголемување на взаемната стопанска соработка меѓу земјите од Западен Балкан што ќе го направи овој дел од Европа поатрактивен за инвестиции и ќе создаде услови што побрзо да се интегрира во стопанството на ЕУ, прецизира Рукичи. вј/са/14:09

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ