• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Нема потврда од науката дека ГМО се штетни

Нема потврда од науката дека ГМО се штетни

Скопје, 11 септември 2018 (МИА) - Од генетски модифицираните организми (ГМО) регистрирани во светски рамки, досега не е евидентиран ниту еден штетен случај врз здравјето на луѓето, рече денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

По трибината на оваа тема во Стопанската комора на Македонија, професорот Среќко Ѓорѓиевски од Факултетот за земјоделски науки и храна напомена дека се докажани поголеми штетни влијанија од употребата на хормоните и микотоксините, отколку од генетски модифицираната храна.

Според него, засега не се констатирани генетски модифицирани производи со штетно влијание во исхраната на животните. Противници на овој тип храна има, но над 95 проценти од анализите покажуваат дека нема никаков проблем кај животните хранети со генетски модифицирани продукти.

гмо трибина

- Има неколку фази што претходат за да биде загрозена хуманата популација. Произведената генетски модифицирана пченка или соја за исхрана на животните прво треба да се види дали е послаба или подобра во квалитет, дали го менува процесот на варење, какви хранливи материи содржи, дали го пренесува модифицираниот ген во ткивото на добитокот, колкава е неговата видливост и каренца, дали ќе премине во сточарските производи, објасни професорот. 

Има микотоксини и хормони, дополни Ѓорѓиевски, кои се задржуваат во ткивата на животните и дури може да се пренесат во храната, како алфа-токсините, кои се трансферираат во млекото или месото со каренца од 17 до 30 дена.

- Сѐ уште нема студија што може начуно да докаже дека генетски модифицираната храна е штетна. Но, институциите секако мора да воведат строга контрола за да нема измама на потрошувачите зашто целата приказна е тоа, подвлече професорот.

Во Македонија засега само на Факултетот за ветеринарна медицина се прави скрининг за ГМО, иако има уште една лабораторија што може да да утврди и квантификација. Како што истакна Ѓорѓиевски, на домашните анализи можеме да се потпреме, а ако операторите евентуално не се задоволни од исходот, може да испратат проби надвор за суперанализа.

Во Европа прописите за регистрација и одобрување ГМО се многу строги, а за тоа се свесни и компаниите што сакаат да дојдат до таков производ. Кога аплицираат во Европската агенција за безбедност на храната, тие знаат низ какви долги процедури на испитување и истражување мора да поминат. Прагот, пак, на толеранција во ЕУ за генетска модификација на некој производ или организам е 0,9 отсто.

Домашните потрошувачи бараат подобро информирање и регулирање на областа, како и уредување на законската регулатива, додека стопанството е за усогласување со ЕУ-легислативата, која строго предвидува пред да се одобрат и пуштат во употреба ГМО да се направат детални испитувања за евентуалните штетни последици по здравјето на луѓето. 

АХВ достави предлог-правилник до Владата со измени на регулативата според европската, но сѐ уште, како што информира Атанасов, се чекаат мислењата од надлежните.

Директорот е дециден дека институциите се способни да гарантираат безбедност на храната.

- Откако сум на должноста директор, ја воспоставивме мониторинг-програмата со што и утврдивме дека во Македонија има генетски модифициран ориз, како и дека е увезена генетски модифицирана соја (шницли и трошки). Продолжуваме да го работиме тоа. Засега само детектираме, но ако во иднина се усвојат новите законски прописи за праг на толеранција, ќе одиме и на утврдување на квантификација на присуството на ГМО, подвлече Атанасов. мч/са/14:05

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ