• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Филипче: Сликата за здравството не се менува преку ноќ, преземаме револуционерни чекори

Филипче: Сликата за здравството не се менува преку ноќ, преземаме револуционерни чекори

Скопје, 2 јули 2018 (МИА) - Сликата за јавното здравство не може да се смени преку ноќ, затоа преземавме револуционерни чекори, со поголеми плати за докторите, платени се и специјализантите, а променета е и локацијата на новиот Клинички центар, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче во емисијата „Топ тема“ на тв Телма.

Како прв чекор потврди бесплатно лекување за сите граѓани на РМ од 1 јануари 2019 година, што значи, како што кажа тој, дека нема да се плаќа партиципација без разлика на тоа во која болничка установа се лекуваат и на извршената здравствена услуга.

Во однос на најавата за зголемување на платите на специјалистите од 1 јануари 2019 до 100.000 денари, ресорниот министер рече оти тој процес веќе е почнат.

- Јавното здравство за да расте и да се надградува треба да добие дополнителна сума пари. Првиот чекор за зголемување на платите на специјалистите веќе се направи преку зголемување на сумата за дежурства и за ноќен труд меѓу 20 и 40 отсто, платата на лекарите специјалисти се зголеми во зависност од струката и јавната здравствена институција во која работат. Тоа најмногу го почувствуваа лекарите на Клинички центар, нешто помалку во другите болнички установи ширум земјата, рече тој.

Вели дека се уште има долгови во здравството и само со домаќинско работење и со дополнително финансирање на буџетот на РМ ќе може да се надминат предизвиците и земјава ќе тргне по патот на градење модерен здравствен систем.

Според него, постоечкиот Клинички центар нема инфраструктурна можност да даде интегрирана здравствена услуга. Во реномирани земји, вели министерот, се даваат здравствени услуги во една зграда со дијагноза и лекување во најбрз рок. 

- Ова е една од најзначајните одлуки што ја донесе оваа Влада. Но нема потреба да брзаме со градбата на Клинички центар за да добиеме неквалитетно и нефункционално решение. Според сегашната динамика за година и половина може да почнеме со проектирање, а до пет години и финиширање на градбата со сите стандарди, рече Филипче.

Најави дека ќе има дополнителни инвестиции од Буџетот и тој износ треба да се зголеми за да имаме квалитетно здравство за подобра инфраструктура, поголеми плати и нова опрема.

Во врска со скапата опрема што досега била купувани во болничките центри, тој вели дека за секоја опрема која Министерството планира да ја купи треба точно да се знае каков бенефит ќе имаат пациентите за вредноста што ќе се плати.

На прашање за ПЕТ центарот дека работи со многу мала искористеност, а беше најавуван како главен за регионот, Филипче вели дека треба да се направи нов модел на функционирање.

- ПЕТ центарот сега работи со само пет отсто од капацитетот. Треба да направиме нов модел на функционирање. Главниот апарат е малку искористен, па затоа ќе треба да најдеме странски или надворешен партнер за производство и продажба на изотопи од што ќе имаме голем бенефит, вели тој.

Најави и оти се планираат централизирани набавки без оглед како функционираат сега клиниките, такви модели веќе има во соседството, за да може да набавиме поголема количина, по пониска цена и подобро да ги планираме тие материјали за да нема дефицит на лекови.

Во врска со набавката на лекови за ретки болести, вели дека сите граѓански организации и здруженија на пациенти се поканети да учествуваат не само во тендерските постапки, туку и на претходниот процес, а тоа е планирање на количините, оти тие знаат што им е потребно, со што се соочувале досега да бидат дел од целиот процес. 

Истакна и оти е сменет начинот на кој се евалуира позитивната листа на лекови.

- Досега имавме големи комисии кои беа нефункционални, сега ќе имаме една комбинирана комисија кој ќе ги разгледува сите барања и ќе носи препораки за лековите на позитивната листа, рече тој.

Филипче најави и оти се прави план за отворање национален кол центар за брза помош со што ќе се пружа соодветна услуга за пациентите со што ќе се намали притисокот над болниците, а се инвестира во возилата.

- Треба да се воведе и нова медицинска служба како парамедикс која може да интервенира и во домашни услови. Со таа служба значително ќе ја подобриме патронажата и домашната посета, истакна министерот.

Во врска со селењето на сегашната Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, на локацијата кај Мајчин дом во Аеродром, Филипче рече дека не може да се биде сигурен оти реконструкцијата на Градска болница ќе даде голем квалитет, таа инвестиција нема да продолжи бидејќи локацијата е преоптоварена и нема услови за повеќе, па затоа ќе се префрли на друго место.

На прашањето за се поголемиот одлив на лекари, и дали  има стратегија за нивно задржување во земјава, Филипче рече дека  лекарите ќе ги задржиме со зголемување на платите, а се работи и на подобра едукација, за што имаат договор со клиниката од Франкфурт и работат со нови врвни методи, а тоа, како што кажа, ќе се спроведе и во сите други области. 

- Медицинските сестри ќе може да ротираат на работа во Германија или Чешка, не е вистина дека сум барал од германскиот колега министер да им забрани издавање дозвола за работа, рече министерот за здравство. нд/лв/20:47

###

  

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ