Штипската клиничка болница за една година ги подмирила речиси сите долгови

Штипската клиничка болница за една година ги подмирила речиси сите долгови

Штип, 27 јули 2018 (МИА) - Околу 500 вработени во Клиничката болница во Штип вчера ги добиле парите за дежурствата, кои во изминатите три години, не им биле исплаќани согласно законот. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција рече дека од буџетот на болницата на сметките на вработените се пристигнати околу 145.000 евра.

- Другата половина вработените ќе ја добијат на почетокот на септември и со тоа ќе го исплатиме тој долг за трите години наназад, а кои требало да им бидат исплатени. Во моментов се исплаќаат и сите додатоци од плата, како што треба и дополнително од март оваа година се исплаќаат по повисоки ставки и дежурствата и ноќната работа. Успеавме и надоместоците за одвоен живот на сите наши специјализанти да ги доведеме во ред, сега се плаќаат навреме, вели Ѓеорѓијев.

Тој рече дека речиси е исплатен и долгот на Одделението за трансфузиологија, кој пред една година бил 24 милиони денари, досега се исплатени 18 милиони денари, а до крајот на годината очекува да го анулира.

Во моментов овој регионалниот центар нема неплатени сметки. Забележува дека во изминатиот период по пат на донација од Јапонската амбасада се добиени и две амбулантни возила, потоа пациентите, како што вели, користат пакувана и поквалитетна храна. Инвестиции има и за подобри услови на пациентите.

- Комплетно е реновирана детската соба на Одделението за хирургија, комплетно е опремена коронарната единица, каде што сега има 10 нови лежаи. Беше недозволиво во интензивната нега да немаме ниту еден пациент монитор, сега таму има три нови, а пет нови има во анестезија и реанимација. Во функција е ставен и коронарниот стрес тест, вели Ѓеорѓијев.

Тој забележува по долги години спроведена е и обука на вработени за безбедност при работа, а во септември ќе се направат и систематски преглед на сите вработени кој согласно законот требало да се прави и во изминатите години. Што се однесува за медицинската апаратура, ангиографот е ставен во функција.

- На магнетната резонанца и е направен комплетен сервис. Се поправија и сите оние апарати кои беа расипани. Компјутерскиот апарат беше сервисиран два пати, а сето тоа не чинеше 140.000 евра, вели Ѓеорѓијев.

Со сопствени средства болницата набавила и апарат за лепење на крвни садови, потоа три лапараскопски столбови, со кои ќе се прават нови операции од областа на урологијата, хирургијата и гинекологијата. Во својот отчет Ѓеоргијев забележува дека и по 40 години набавени се и нови машини за перење и сушари. Штипската Клиничка болница од својот буџет за нови апарати има потрошено околу 160.000 евра. вдј/рп/16:01

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ