Филипче: Нови 80 вработувања во битолската клиничка болница

Филипче: Нови 80 вработувања во битолската клиничка болница

Битола, 28 јули 2018 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче денеска беше во посета на Клиничката болница во Битола, каде наскоро ќе бидат вработени нови 80 доктори и медицински персонал, а во финална фаза е и изградабата и инсталацијата на првиот линеарен акцелератор во овој дел од земјата. Битолската болница ќе биде првата каде што ќе се применува пилот - проект за снимање на магнетна резонанца 24 часа.  

- После многу долго време во оваа болница се вработуваат 80 луѓе, од кои 30 се доктори и останат медицински кадар и многу малку други работници. Сметаме дека кадарот треба многу да се зајакне, дека тоа треба да им го понудиме на нашите млади доктори со цел да се едуцираат и да останат во нашата земја, рече Филипче по средбата со менаџментот на болницата.

Имајќи предвид дека интересот е поголем од понудените места за вработување, тој посочи дека на средбата било разговарано да се побараат уште дополнителни места, пред се, за доктори што ќе биде направено следниот месец.

- До Нова Година со оглед на тоа што за дополнителни места болницата нема да има свои средства, ќе определиме средства од буџетот за да се вработат уште сто луѓе од кои повторно најмногу доктори и медицински сестри, рече Филипче. 

Toj информираше дека е при крај изградбата и инсталацијата на линеарниот акцелератор со што за првпат во овој дел од нашата земја ќе бидат понудени онколошки сервиси, а луѓето нема да мораат да патуваат во Скопје. Има современо онколошко одделение, вели министерот, а се планира и прием на персонал во институцијата каде што ќе биде сместен акцелераторот.

- Останува уште да се надгради електронскиот систем да се едуцираат докторите и физичарите кои ќе работат на линераниот акцелератор, рече Филипче. 

Објави дека од почетокот на август битолската клиничка болница ќе биде пилот проект каде што магнетната резонанца ќе работи 24 часа.

- Има доволен број радиолошки техничари кои може да ја покријат таа 24-часовна служба вклучувајќи ги и викендите, посочи миистерот за здравство наведувајќи дека ваков модел бил применет во Загреб каде потоа листи на чекање и да немало. 

Toj најави негова имплементација и во други центри. 

- Треба да се средат административни работи во однос на закажувањето, и мислам дека тоа може да почне меѓу 5 и 10 август, рече Филипче. мт/ев/16:19

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ