Презентација на решенијата од конкурсот за новиот објект на Клиниката за хирушки болести

Презентација на решенијата од конкурсот за новиот објект на Клиниката за хирушки болести

Скопје, 6 септември 2018 (МИА) - Идејните решенија што учествуваа во конкурсот за идеен проект за новиот објект на Универзитетската Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје на местото на Мајчин дом во општина Аеродром денеска беа презентирани по јавната дебата за потребата од дисперзија на градски болници на повеќе точки на територијата на Град Скопје, што ја организираше Министерството за здравство, а на која учествуваа здравствени работници, архитекти, претставници на здруженија...

- Не можеме да го надградиме системот во стара инфраструктура заради тоа што токму новата инфраструктура е еден од предусловите да се дадат новите методи, многу минимално инвазивни опции на лекување..., а сето тоа нашите пациенти го заслужуваат, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Во врска со тоа што ќе се случи со постојниот Мајчин дом и каде ќе одат пациентите, рече дека може да останат на истото место, но во нова инфраструктура. 

Посочи дека огромен е притисокот кон терциерната здравствена заштита заради тоа што пациентите се навикнати да одат кон Клиничкиот центар, а помалку кон болниците, а сосема малку се задржуваат на примарно ниво на здравствена заштита таму каде треба да биде ставен фокусот на давање лекарска грижа и услуга.

Венко ФилипчеВ.д. директорот на Универзитетската Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, Иван Спировски укажа на неопходноста од нов модерен објект на таа јавна здравствена установа, каде ќе има подобри услови за работа на здравствените работници и подобри услови за лекување на пациентите, каде ќе има Дневна болница и многу други нови оддели.

- Најголем проблем е што во сегашниот објект на Клиниката просторот и ист каков што бил во 1962 година, а бројот на персоналот се зголемува заради ширење на патологијата. Да создадеме модерни услови во здравството за здравствените работници, пациентите и генерациите кои доаѓаат, потенцира Спировски.

На дебатата дел од здравствените работници од таа јавна здравствена установа укажаа на потребата од нов објект на таа Клиника. 

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа која е процедурата понатаму и кога ќе почне изградбата на новиот објект на Клиниката по хирушки болести „Св. Наум Охридски“, рече дека ќе пристапат кон дефинирање на проектот, број на кревети, струки, специјалности, нови методи и во зависност од тоа какви ќе бидат архитектонските решенија внатре во дизајнирањето на болницата ќе имаат решение и ќе пристапат кон барање на финансиите.

- До средината на следната година ќе знаеме во која насока ќе одиме, додаде Филипче.

Ребека Јанковска Ристески од Здружението на граѓани „Дајте ни крилја“ побара од министерот Филипче да се изнајде просторно решение, центар за лицата со попреченост, каде тие ќе бидат третирани, ќе им се дава терапија, а мајките ќе можат конечно да одат на работа. Тој одговори дека доколку почне овој процес со новата Градска болница на местото на Мајчин дом за сите тие деца ќе обезбедат простор и ќе има каде да се третираат. рп/сд/16:08

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ