• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

И пчелниот воздух корисен за здравјето на луѓето, АПИ комори и во Македонија

И пчелниот воздух корисен за здравјето на луѓето, АПИ комори и во Македонија

Скопје, 14 јули 2018 (МИА) - По медот, поленот, прополисот..., веќе познати корисни производи од пчелата, и воздухот што го создаваат околу нивните сандачиња е лековит. Таканаречената „Air therapy“ се спроведува во специјални АПИ комори кои веќе се отворени и во Македонија. Покрај Русија, оваа терапија се користи и во Германија, Бугарија, Австрија, Словенија и Босна и Херцеговина. Полезна за секој, а особено за белодробни заболувања.

пчелар

Ѓорги Златинов, пчелар од Скопје, кој се занимава четири години со пчеларство ги отвори првите Апи комори во Македонија. Идејата, вели, дојде од моја блиска драга личност, која истражувајќи по интернет го пронајде видеото во Русија каде беа прикажани неколку АПИ Комори, а потоа заеднички следуваа натамошни истражувања и реализација на инвестицијата што чинеше над 600 илјади денари.

- Изградивме две Апи Комори, а целата идеја ја реализиравме за краток период од една година. Лани почнавме со поставувањето на темелите и со интензивно работење успеавме да ги отвориме пред три недели, истакнува Златинов.

апи комори

АПИ Комора, како што ја појаснува тој, е цврст објект во кој се сместени сандачиња со пчели, во кои се инхалира воздухот. Објектот е направен од природен материјал, заштитен со еколошка боја. Вдишување на воздухот е директно од сандачето со пчели, и да не постои недоразбирање, пчелите не можат да влезат внатре тие излегуваат надвор преку својата врата и така нормално функционираат.

На сандачињата се наоѓаат инхалатори преку кои се врши инхалација. Ширината е доволна за да може комотно да се седне и да се престојува.

Во АПИ комората може секоја да влезе и да биде корисник на оваа терапија. Златинов истакнува дека со инхалацијата  се вдишуваат матичен млеч, полен, нектар, прополис, перга, мед.

апи комори

- Тоа е една мала лабораторија каде испаруваат етерични масла од сите тие пчелни производи. Прополисот кој пчелата го носи е најако антибактериско средство во природата.Таа со прополисот кој го носи во кошницата врши дезинфекција на просторот во која живее. Секоја ќелија во која се полагаат млади јајца, која ги полага матицата мора пред секоја употреба да биде прополисана која пчелата го донела од природата, посочува Златинов.

Лечење со воздухот од кошницата AIR THERAPУ за респираторни болести

Во поголем број земји постои здравствен третман познат како AIR THERAPУ - терапија со воздух од кошница која има успешни ефекти во лечење на многу респираторни боелсти. Пчелите со своето движење и работа во кошницата произведуваат аеросол, кој содржи етерични масла, прополис, мед и восок, матичен млеч, перга, ароматични материи и фитонциди од цветовиот нектар и восокот што се испарува од кошницата и го дезинфицира воздухот во пчеларникот до 200 метри.

апи комори

- Воздухот во кошницата ги стимулира органите за дишење, желудачно цревен и кардиоваскуларниот и нервниот систем. Аеростимулансите од кошницата ја подобруваат работата на белите дробови и го подобруваат имунитетот, вели Златинов.

Тој додава дека кога АПИ Комората работи, кога се активни пчелите тоа значи дневно најмалку 1000 положени јајца и исто толку оброци матичен млеч. 

- Пчелата внесува полен, внесува нектар, произведува восок, перга, произведува мед и се се работи во една мала лабораторија каде испаруваат етеричните масла од сите тие пчелни производи.  Специфичност на воздухот е тоа што сите тие етерични масла се ослободуваат и одат во природата и се шират и до 200 метри околу пчеларникот. Предност во инхалирањето е што тој воздух ние го внесуваме во белите дробови таму каде што ни е потребен, истакнува Златинов.

апи комори

Според него терапијата е препорачлива за болни од бронхиална асма, бронхитис, алергија на полен,  хронични белодробни заболувања, ослабен имунитет, хронични главоболки, мигрени, стрес, депресија.

Златинов појаснува дека инхалациите се прават двапати по 25 минути со пауза од  40 минути. Следна е после 48 часа. Подобрувања треба да се почувствуваат после пет третмани, а, според него, препорачливо е да се напрват пет третмани во период од 10 дена.

апи комори

АПИ Коморите се наоѓаат во општина Сопиште помеѓу селото Нова Брезница и Браната Козјак во местото Рудина, во преубава природа и чиста средина.

апи комори

Златинов вели дека почнал како хоби, но интересот и љубовта кон пчелите се повеќе растела. Сака да се развие пчеларскиот туризам, како и во поразвиените земји.

Сузи Котева-Стоименова

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ