Дождот и градот годинава три пати ги дотолчуваше преспанските јаболка

Дождот и градот годинава три пати ги дотолчуваше преспанските јаболка

Ресен, 31 јули 2018 (МИА) - Промената на климата и температурните разлики се најизразени во Преспанскиот регион. Тоа го покажуваат и временските непогоди, обилни врнежи од дожд и град и екстремно високи или ниски температури што последните години го зафаќаат овој дел од државата. Колку тоа влијае врз земјоделството, односно врз овоштарството покажуваат проценките на стручните комисии, но и на самите производители.

Претседателот на Здружението на овоштари во Преспа Љубе Пампулевски информира дека оваа сезона насадите со јаболка на различни локации биле трипати погодени од град. Во овој регион има околу 4.500 хектари со јаболки од кои скоро 30 проценти биле погодени од град.

Првото невреме со обилни врнежи од дожд и град беше во мај, а најпогоден беше Ресен и овоштарниците околу градот, потоа селата Долно Дупени и Јанковец. Мешавината од дожд и град уништила над 70 до 80 отсто од јаболковите насади во овие населени места. Втората половина од јуни Преспа повторно ја зафати невреме, овој пат од сув град, а на удар беа делови од селата Асамати, Грнчари, Курбиново, Претор и Раица. Најголема штета имало во Асамати каде овоштарниците биле уништени 100 проценти, а во другите атари од 60 до 80 отсто. На едно јаболко имало по 17 удари од  зрна град.

Силно невреме проследено со дожд и град имаше и на средината од јули, ги зафати селата Јанковец, Златари и Сопотско и зафати големи површини со јаболкови насади. Во Јанковец оштетени се 100 проценти јаболките, а во  Сопотско 70-80 отсто. Пампулевски вели дека врнежи од град се несвојствени за јули, барем тоа не било случај во минатото. Врнежи од град имало најдоцна во мај и почетокот на јуни.

јаболка штети

Штетата се утврдува после една недела

Излегување на комисиите за проценки на штета на терен веднаш или следниот ден после невреме, според Пампулевски, не е веродостојно.

- Треба да помине една до две недели и да има температура над 18 степени да се забележи реално колкава е штетата. После град веднаш ако одите во овоштарник нема да забележите штета, но штом ќе се појави сонце и повисока температура резултатите од невремето излегува на виделина. Ударите се физички, овошката е под стрес, појасни Пампулевски.

Овошките се повеќе годишни култура, кои родните папки ги формираат во јули, значи сега се формираат родните папки за идната година. Последниот град, како што нагласи, ќе има големи последици и на родот од следната година.

-  Исклучително е битно да се знае дека овошката штом претрпи стрес има промена за следната година особено во втората половина на јули кога се формира родната папка за наредната година. Градот кој не зафати сега сигурно ќе има последици за наредната година, заклучи претседателот на Здружението на овоштари од Преспа.

јаболка пазар

Родот некаде уништен и до 100 проценти, осигурителните компании со нереални проценки

- Пампулевски има околу три хектари јаболкови насади во атарите на селата Крани, Сливница и Арвати, кои за среќа годинава не биле зафатени од невреме, но минатогодишниот пролетен мраз му ги уништил 100 проценти. Последиците од ланскиот мраз ги чуствува и годинава.

Поради нискиот процент на исплата од осигурителните компании, Пампулевски забележува дека опаѓа интересот кај јаболкопроизводителите да ги осигураат своите насади.

- Во моментот проблем со осигурувањето е нискиот процент на исплата. Исплатата од осигурителните компании е плус/минус колку износот што го плаќаат земјоделците за осигурување. Осигурителните компании ги имаат вклештено земјоделците и многу малку имаат земано реални суми, изјави Пампулевски.

Тој појасни дека пред две години имало брзорастечки интерес за осигурување кога од 20-30 овоштари кои ги осигурувале своите насади во Преспа бројката се искачила на 400-500. Но оваа година, како што кажа, овоштарниците ги осигурале најмногу 100 земјоделци.

штети јаболка

Агрон Реџепи јаболкопроизводител од Асамати има два хектари јаболка во атарот на ова населено место, кои се околу 95 отсто оштетени од градот што ги зафати на крајот од мај.

Од државата не очекува некакво обесштетување, единствено што смета дека ќе земе е од осигурителната компанија, но и од таму не е задоволен од проценките и начинот на исплата.

- Осигурителната компанија процени околу 70 проценти штета над насадите. Чекаме да ги потпишеме записниците за да ги исплатат. Не сме задоволни затоа што сме приморани да потпишуваме договори по нивни услови. Ме тера да потпишеме договор со кој ако проценат над 80 отсто штета се пишува дека оштетувањето е тотално во насадот и имаме франшиза на парите 10 проценти. Значи доколку проценителот процени 80 отсто штета имаме 20 проценти франшиза за недозавршени работи. Но ние немаме не дозавршени работи, работите завршуваат и покрај тоа што градот го уништи родот ние мора понатаму да ги одржуваме овошките, појаснува Реџепи.

Тој додава дека проценката на осигурителните компании била пониска од реалната состојба. Годинава смета дека јаболката имале род по 50 тони од хектар, а осигурителната команија проценила 35 тони од хектар.

невреме град

Насадите на Реџепи биле зафатени и од минатогодишниот мраз за што земал обесштетување од државата околу 22-23.000 илјади денари по хектар.  Последиците од градот очекува дека ќе се рефлектираат врз родот на јаболките и идната година.

Преспанскиот регион минатата година беше зафатен од доцен пролетен мраз, кој ги уништи јаболковите насади скоро 100 отсто. Овоштарите беа обесштетени од Владата, која на ниво на Преспа исплатила 84 милиони денари за штета.

Слаѓана Стојкова Костоски

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ