Македонија очекува повлекување на косовската мерка

Македонија очекува повлекување на косовската мерка

Скопје, 23 јули 2018 (МИА) - Македонската Влада прави се за да не воведе контра - мерки за Косово, но ќе го заштити домашното производство доколку и по закажаните министерски состаноци на регионално и билатерално ниво, одлуката за зголемени царини не биде повлечена, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

- Очекуваме Владата на Косово да ја повлече донесената мерка со што ќе го надминеме спорот, наведува МЗШВ.

Воедно информира дека во насока на решавање на проблемот, министерот Љупчо Николовски е во постојана комуникација со ресорните министри од Косово и од регионот.

- Во среда ќе има заедничка средба на сите ресорни министри од регионот на која ќе се бара заеднички модел како да се надмине овој проблем со Косово. Доколку не се надмине проблемот во среда, наредните денови министрите за земјоделство и за економија, Љупчо Николовски и за економија Крешник Бектеши, ќе се сретнат со нивните колеги од Косово. Ќе се бара начин за надминување на ситуацијата. Целта е укинување на одлуката и овозможување брз проток на стоки и услуги како и трговска размена помеѓу двете земји. Очекуваме да се постигне соодветен договор, во кој нема да има незадовлони страни и кој ќе биде од интерес на сите, велат од МЗШВ.

Минатата недела министерствата за земјоделство и за економија, испратија допис до ЦЕФТА, Европската унија и до Владата на Косово, со што и официјално побараа повлекување на одлуката на Косово за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук. мч/сд/13:34

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ