• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Косово целосно ја повлече одлуката за зголемените царини (видео)

Косово целосно ја повлече одлуката за зголемените царини (видео)

Скопје, 31 јули 2018 (МИА) - Косовската Влада ја укина во целост одлуката за зголемените царини, соопшти денеска министерот за економија Кресник Бектеши.

Како што информира Бектеши на прес-конференција, ова е уште една потврда за добрите односи меѓу двете земји. Одлуката  треба да се спроведе од утре откако претходно косовските власти ќе испратат официјално писмо до нивните царински служби.

- Пред неколку минути бев информиран дека Косово ја повлече одлуката во целост, а претходно на владината седница на косовската Влада, биле земени предвид аргументите што беа изнесени од македонската страна на  петочната средба во Приштина, истакна Бектеши.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека за предизвиканите штети од косовската одлука проценка ќе направи Министерството за земјоделство, по што Владата ќе преземе соодветни мерки за да им помогне на трговците  производителите што претпреа загуби. 

Косово ја воведе одлуката на 18 јули годинава и со неа царините за вкупно 21 земјоделски производ беа зголемени за 30 отсто. По неколку дена одлуката беше делумно повлечена, односно за некои производи, но за седум се уште важеше, а на нив отпаѓаше најголемиот дел од македонскиот извоз на Косово.

- По нашата писмена реакција, следеше измена на одлуката. Мерката остана да важи само за седум производи: домати, пипер, јаболка, грозје, круша, сливи и малини. Ваквата одлука не им одговараше на нашите земјоделски производители бидејќи стануваше збор за сезонски производи на кои отпаѓа најголемиот дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар, појасни Бектеши.

Тој се заблагодари јавно за, како што рече, разбирањето од косовска страна.

- Владата ќе биде во целост посветена на регионална соработка и на спроведување на сите договори. Целта е да се обезбеди поголем пазар, не само за македонските компании, туку за сите компании во регионот, а со тоа да се подготвиме да влеземе во големите европски и светски пазари, истакна Бектеши.мч/са/15:11

 

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ