• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

МЗШВ: Следната недела ќе има конкретна интервентна мерка за стабилизирање на пазарот на сливи

МЗШВ: Следната недела ќе има конкретна интервентна мерка за стабилизирање на пазарот на сливи

Скопје, 11 август 2018 (МИА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на почеток на следната недела ќе излезе со конкретна интервентна мерка за стабилизирање на пазарот на сливи, соопштија поладнево од МЗШВ по денешниот протест на производителите на сливи од Радовиш, кои се незадоволни од ниските откупни цени. Тие го блокираа патот Радовиш-Струмица и побараа да се реализира вчера договореното со претставник на Министерството, а тоа е, дел од сливите да одат за откуп и дел за индустриска преработка.

-Мерките кои што ќе бидат преземени, вчера беа заеднички разговарани на состанокот во Радовиш помеѓу тимот од МЗШВ и производителите и откупувачите на сливи. Од вчерашниот состанок произлегоа конкретни предлози од двете страни, кои МЗШВ ќе ги разгледа, и како ресорно Министерство ќе донесе мерки кои ќе бидат од заеднички интерес и на производителите и на откупувачите на сливи, се истакнува во соопштението на МЗШВ.

Од Министерството апелираат до земјоделците да не потпаѓаат на политички монтирани информации и создавање на вештачка криза. Потсетуваат дека Владата преку МЗШВ и во изминатиот период навреме  реагираше и преземаше мерки за секоја земјоделска култура, како што годинава се реагираше за доматите, а минатата година за лубениците и за праските.

Согласно поднесените барања за директни плаќања за површини со сливи за 2018 година, пријавени се 2.788 лица со вкупно пријавена површина од 2.121 хектари. Од Програмата за директни плаќања за одржување на насади од слива се исплаќа субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари.

Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, производителите на сливи имаат можност да аплицираат за субвенција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети. бк/19:33

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ