Државниот инспекторат за земјоделство кај Калишта одзел 73 рибарски мрежи и 33 кг охридска белвица

Државниот инспекторат за земјоделство кај Калишта одзел 73 рибарски мрежи и 33 кг охридска белвица

Скопје, 17 август 2018 (МИА) - Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) одзеде 73 рибарски мрежи и 370 парчиња белвица со вкупна тежина од 33 килограми од 13 рибокрадци затекнати во Охридското Езеро. Прекршен е Законот за Државен инспекторат и на Законот за рибарство и аквакултура и на секое лице ќе му биде издаден прекршочен платен налог во висина од 500 евра. 

Овластени лица од ДИЗ во вторникот (14 август) извршиле вонредна контрола на потегот над струшките села Калишта и Радожда, при што во водите на Охридското Езеро кај Калишта во различити правци од риболовната вода биле затекнати 13 физички лица распоредени во седум кајчиња, штои се движеле и поседувале недозволен риболовен алат - висечки, летечки-лебдечки мрежи.

При пребарување, од езерото биле извадени вкупно 73 рибарски мрежи со димензии на окца од 26 мм (40 парчиња) и 24 мм (33 парчиња) со поединечна должина на мрежа од 50 метри или во вкупна должина од 3.650 метри. Исто така, од водите биле извадени 370 парчиња охридска белвица во количина од 33 килограми.

Направен е записник за акцијата и заедно со целокупниот риболовен алат и риби се предадени на ДИЗ. По комплетирање на Предметот од страна на ДИЗ ќе бидат изготвени 13 записници со констатирани прекршоци и на секое лице ќе му биде издаден по еден прекршочен платен налог во висина од 500 евра.

Инспекторатот укажува дека движењето и задржување во риболовна вода со носење/поседување недозволени риболовни средства е дело спротивно на член 93, став 1, казниво дело по член 112, став 1, точка 17 од Законот за рибарство и аквакултура.

ДИЗ за настанот дополнително ќе го извести Обвинителството во  Струга затоа што лицата пред да бидат забележани како се движат и поседуваат недозволен риболовен алат вршеле и незаконит риболов што е спротивно на член 229 од Кривичниот законик.

- Вонредниот инспекциски надзор само ги потврди сознанијата што ги поседуваа овластените лица на ДИЗ дека се врши масовно рибокрадење во водите на Охридско Езеро со посебен акцент во селата Калишта, Радожда, Пештани, но и на некои други локации. Заради сузбивање на ваквите појави, и во следниот период ќе се спроведуваат засилини и нтензивни контроли од нашите инспекторски служби, информира Државниот инспекторат за земјоделство. хс/сд/11:46

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ