Тутунот годинава ќе има 40 отсто помал род, послаб ќе биде и квалитетот

Тутунот годинава ќе има 40 отсто помал род, послаб ќе биде и квалитетот

Скопје, 27 август 2018 (МИА) - Намален род за 30 - 40 отсто, послаб квалитет и пониска откупна цена, очекуваат производителите од годинашната реколта тутун поради честите врнежи летово и појавата на болести.

И повторно да се зголемат температурите, како што најавува УХМР, не може, велат, ситуацијата значително да се подобри зашто денот е веќе намален, а ќе има и роса.

Моментно, во тек е бербата на третата и четвртата рака тутун, односно на подобриот квалитет од родот. 

- Поради многу дождови и болести, производството годинава ќе се намали за 30 - 40 отсто. Нашите проценки беа дека ќе достигне 26 милиони килограми, но прашање е дали ќе исполниме и 20. Ќе биде тешко, зашто освен помали количини, ќе имаме и лош квалитетот. Треба да очекуваме проблеми со откупот, изјави за МИА претседателот на Сојузот на тутунските здруженија во Македонија Кире Неделковски.

Според него, тутунарите треба да бидат свесни дека откупувачите нема да даваат добра цена. 

Ако се донесе новиот закон тутун кој е во процедура, откупот ќе почне од 15 ноември, а треба да заврши кон крајот на февруари.

Лани цената достигна 217 денари, а колку ќе биде годинава, Неделковски рече дека уште е рано да се каже.

Од УХМР исто така велат дека оваа година не е добра за тутунот. 

- Годинава е квантитативно добра, но не и квалитативно. Ќе имаме големи количини тутун, но со понизок квалитет. Дождот што ја зафати Македонија од синоќа ќе трае кратко. Можеби ќе ја отежне бербата и ќе има прекин денеска и утре, но тоа не е за посебно одбележување зашто од среда повторно се очекува зголемување на температурите над 30 степени. Тоа ќе ги задоволи потребите за сушење на родот, истакнува агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР. мч/сд/11:03

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ