• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Греењето на дрва најисплатливо, на струја еколошки најприфатливо

Греењето на дрва најисплатливо, на струја еколошки најприфатливо

Скопје, 20 јануари 2018 (МИА) - Греењето со огревни дрва се уште е економски најисплатливо во Македонија, а греењето со електрична енергија е еколошки најприфатливо, оценуваат експертите. Според нив, грејната сезона во Македонија најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.

Посочуваат дека најевтино достапно греење во Македонија е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.

Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ 62 отсто од вкупниот број домаќинства во Македонија користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење.

Во Македонија има и можност за загревање со геотермални води, особено во Кочанско, но тие најчесто се користат за одгледување градинарски култури под стакленици.

Греењето на дрва се уште најисплатливо

Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 метри кубни огревно дрво за загревање или најчесто околу шест метри кубни. Доколку се подели вкупната дрвна маса со бројот на метрите кубни неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.

Печка на дрва

Цената во ЈП „Македонски шуми“ е 2.270 денари со ДДВ за метар кубен буково и 2.470 денари за дабово дрво, а дополнително се плаќа за товарот и транспортот. Со сите давачки изнесува 2.670 за буково и 2.870 за дабово огревно дрво. Просечната, пак, малопродажна цена за метар кубен буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.000 до 3.600 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по метар кубен. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 18 до 22 илјади денари годишно.

Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе метри кубни на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.

Нема прецизен број колку домаќинства се греат на електрична енергија

Во Македонија особено тешко е да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее.

Клима.jpg

Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 4,45 денари за потрошен киловат час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина метри квадратни просечно се трошат по околу два киловат часови електрична енергија на час, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат часови или околу 111 денари. Кога на нив ќе се додадат и 18 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 130 денари за загревање или 3.900 денари месечно, односно околу 24.000 годишно.

Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 5,54 денари за скапата до 2,78 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и секој ден од 14 до 16 часот, а во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и до 10.000 денари.

Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под - 15 степени Целзиусови инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.

Само Скопје со централно парно греење 

Во Македонија во моментов централно греење има само во Скопје иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи.

Парно  .jpg

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на Балкан енерџи груп (БЕГ), главниот снабдувач со топлинска енергија во Скопје изнесува 1,019 денари за потрошена киловат час топлинска енергија, а кај Скопје север 1,001 денар по киловат час. АД Електрани на Македонија - Подружница енергетика, пак, наплаќа паушална цена која изнесува 35,01 денари по метар квадратен доколку се плаќа на 12 рати или 70,02 денари ако се плаќа на шест рати.

Пресметката покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 метри квадратни изнесува околу 2.000 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 4.000 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење на стан од 60 метри квадратни се неопходни околу 24.000 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.

Субвенциите причина за заживување на греењето на пелети

Со субвенциите за купување на печки на пелети го зголемија бројот на граѓани што се греат со овој енергенс. Субвенцијата во Град Скопје изнесува 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари, а мерката не ги опфаќа домаќинствата што имаат приклучок на градското централно греење.

Печка на пелети

Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелетни дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во малопродажните објекти се движи од 160 денари за 10 килограми до 260 денари за 15 килограми. Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 5.000 денари или околу 30.000 денари на годишно ниво за загревање на површина од околу 60 метри квадратни.

Греењето на електрична енергија еколошки најприфатливо

Според проф. д-р Константин Димитров, претседател на Центар за енергетска ефикасностна Македонија (МАЦЕФ), секое користење на електрична енергија за греење е еколошки веројатно најчисто, бидејќи локално не загадува.

Константин Димитров МАЦЕФ 6

- Точно е дека има загадување од термоцентралите при нејзиното производство, но во градските средини, каде граѓаните се греат на струја нема никакво загадување. При производството во термоцентралите оџаците се многу високи, а се користат и некои квалитетни филтри така што честичките кои се исфрлаат заради нивната температура се качуваат уште повисоко. При емисија на гасови од високи оџаци, емисијата се доведува во нормални и дозволени граници, а честичките се расејуваат на голема површина со што се намалува нивниот број по метар кубен, вели Димитров.

Во Македонија, додава, не е проблем глобалното загадување, туку локалното.

- Ние во Скопје воопшто немаме проблем со јаглен двооксид, туку со други штетни емисии кои не трујат. За нивно појавување придонесува индивидуалното греење по домаќинствата со користење на дрва, јаглен или некои други секундарни суровини што ќе им дојдат во рака на посиромашните граѓани кои во воздухот емитуваат и канцерогени честички. Друг голем загадувач се возилата. Во Скопје од источна Македонија секој ден влегуваат околу 10.000 возила, а од западна 20 до 30 илијади возила. Тоа значи дека има дополнителни 30 до 40 илјади возила на ргистрираните околу 200.000 возила во Скопје што загадуваат. Имаме и индустрија која е делумно контролирана, како и мали погони кои воопшто не се под контрола, бидејќи нема доволно луѓе за тоа да го прават, а и властите не се заинтересирани да ги фатат. Тие придонесуваат значајно за загадувањето, бидејќи не може сите да се контролираат дали горат старо масло што го испуштаат од автомобилите или парчиња стара автомобилска гума кои значително загреваат. Тоа се главните елементи што го прават локалното загадување, потенцира Димитров.

За разлика од нив, додава, електричната енергија локално воопшто не загадува, а можеме да ја произведеме и од обновливи извори.

Подобра енергетска ефикасност значи помало загадување

Загадувањето во урбаните средини може да се намали со смалување на потрошувачката на енергија преку воведување мерки за енергетска ефикасност што подразбира добро излолирани домови и купување на возила што трошат многу помалку гориво и исполнуваат повисоки еколошки стандарди, порачува Димитров.

Енергетска ефикасност

- Воведувањето на мерките за енергетска ефикасност драматично ја намалуваат емисијата на штетни материи преку намалување на потрошувачката на гориво. Втор начин е да се користат обновливи извори на енергија (ОИЕ) за производство на струја. ОИЕ, освен дрвото ни овозможуваат да произведеме чиста електрична енергија која може да се користи за затоплување на домовите без ни грам да загадиме локално ни глобално. Трет начин е во урбани концентрирани градски средини како Скопје, Битола, Тетово и Гостивар да има централно греење кое овозможува значително подобрени еколошки услови, како и паралелна гасификација за останатите градови. Овие два системи не се спротивставени, туку се паралелни, бидејќи на одредени места каде топлификацијата нема економска логика да биде направена, гасификацијата се уште има потенцијал да биде изградена и да помогне во справувањето со загадувањето, прецизира Димитров.

Топлински пумпи греење на иднината

Како еден од многу добрите еколошки системи електричната енергија ја нуди можноста за вградување на така наречените „топлински пумпи“, а кај народот познати како клима системи, вели Димитров.

Топлинска пумпа

- Тоа е вентилаторски конвектор или топлинска пумпа, што со користење на техничките достигнувања и законите што важат во природата, топлината од надвор со мала потрошувачка на енергија ја покачува на повиско ниво во внатрешноста. Стандардните поевтини производи од овој тип трошат еден киловат час електрична енергија, а внатре во просторијата има загревање од минимум два, а нормално е да има три, а во некои случаи четири до пет, па и шест киловати. Тоа пластично значи да се плаќа еден киловат час електрична енергија, а да се добива два или повеќе киловати. Со обичните греалки, пак, се плаќа колку што се троши, посочува Димитров.

Можеби е финасиско оптоварување да се вгради ваков систем, додава, но на подолг рок инвестицијата се враќа.

Пелетите речиси исто загадуваат со цепаниците

За печките со пелети проф. д-р Димитров порачува дека согоруваат дрво и оти составот на она што се согорува како цепаница и на пелетите е потполно ист.

Пелети

- Процесот на горење подразбира директна трансформација на јагленикот кој оксидира или согорува со кислородот и од јагленик Ц се добива продукт ЦО2. При тој процес се ослободува топлинска енергија. И во пелетот и во дрвото Ц се претвора во ЦО2. Ц се содржи во целулозата и во другите составни делови што го формираат како дрво, а има и минерали и други состојки кои се во дрвената маса кои при согорувањето се ослободуваат и излегуваат преку чадот. Согорувањето со подобра контола какво што имаат печките на пелети овозможува помала емисија на пепел и на честичките, но не може да ги елиминира сите отровни и штетни материи кои ги содржи дрвото да се емитираат во воздухот, појаснува Димитров.

Токму тие, нагласува, се оние материи кои се канцерогени, како што се повисоко организираните јагленохидрати, битуоли, како и сите тешки метали од дрвото.

- Тие во иста количина одат во атмосферата и од килограм дрво и од килограм пелети. За тоа главна причина е емисијата од ниските оџаци од куќите кои најчесто се со еден или два ката до максимум три. Затоа чадот паѓа надоле, а кога има инверзија климатските услови прават чадот воопшто да не може да се дигне, туку се враќа назад. Кај печките на пелети има за десет пати помала емисија на цврсти честички во споредба со согорувањето на цепаници во обична печка, но отровните делови се исти, појаснува проф. д-р Константин Димитров.

Валентин Јанковски

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ