ЕЛЕМ објави тендер за купување механизација за РЕК Битола

ЕЛЕМ објави тендер за купување механизација за РЕК Битола

Скопје, 26 март 2018 (МИА) - АД „Електрани на Македонија” денеска објави тендер за купување помошна механизација за РЕК Битола со кој се планира да се набават 44 парчиња механизација во вкупна вредност од 19 милиони евра.

Со тендерот, како што истакна генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски на денешната прес-конференција се предвидува да се набават осум хидраулични багери-ровокопачи, девет булдожери, два грејдера, три автодигалки, три утоварувачи, две комбинирани градежни машини-скипови, четири телескопски чистачи на транспортни ленти, две цистерни за вода, три товарни возила со хидраулична рака за кревање и превоз на товар и осум камиони-дампери со носивост од 30 тона. 

- Ова е целата помошна механизација што му е потребна на РЕК Битола за да не ангажира повеќе надворешна. Во последните 10 години за ангажирање помошна механизација од надворешни фирми, РЕК Битола има платено 93 милиони евра. За оваа набавка, пак, ние имаме предвидено рамковна сума од 19 милиони евра, а нашата цел ќе биде преку голема конкуренција на заинтересираните фирми, различни понуда и преку е-аукцијата да добиеме поволни цени, и цените и да се обидеме и дополнително да ги намалиме преку електронското поддавање, рече Миновски. 

Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, нагласи, очекуваме машините да бидат испорачани до крајот на годината со што во наредната година повеќе нема да се користи помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола.

За следниот месец најави и објавување тендер за набавка на циклична механизација, односно механизација за ископ на јаглен, во рудникот Брод-Гнеотино во висина од 22 милиони евра.

- РЕК Битола, за разлика од рудникот Суводол, каде има сопствена рударска меганизација, во Брод-Гнеотино нема и со години им плаќа на надворешни фирми за тие да вршат ископ на јаглен, а главните количини јаглен се копаат токму таму. Испораката ја очекуваме некаде во текот на наредната година по што РЕК Битола нема да плаќа на надворешни фирми за ископ на јаглен, посочи Миновски и додаде дека дел од опремата ќе биде набавен со средства на ЕЛЕМ, а дел со заем.

За користење на надворешна циклична механизација и надворешна механизација за ископ на јаглен во последните десетина година, прецизира, АД ЕЛЕМ платил 212 милиони евра. вј/скс/13:33

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.