ЕЛЕМ: Се уште нема решение за промена на фасадата на зградата на ЕЛЕМ и ЕВН

ЕЛЕМ: Се уште нема решение за промена на фасадата на зградата на ЕЛЕМ и ЕВН

Скопје, 3 мај 2018 (МИА) - Се уште се бара начинот да се дојде до решение за поставување на новата фасада на зградата на ЕЛЕМ и ЕВН на плоштадот Македонија со кое нема да се изгради претходно предвидената барокна фасада, туку модерна и енергетски ефикасна, а притоа да нема се направат дополнителни трошоци од буџетот.

Од ЕЛЕМ информираат дека во изминатите неколку месеци е водена писмена коресподенција со фирмата Бетон, со која ЕЛЕМ и ЕВН имаат заеднички договор за менување на фасадата, како и меѓу ЕЛЕМ и ЕВН и оти се прават обиди да се најде начин како да се изгради новата фасада на зградата, на местото на старата која е отстранета пред неколку години. Но, новата фасада да не биде таа што претходно била договорена со Бетон, односно што е предмет на веќе склучениот договор, таканаречената „барокна“ фасада.

- Се прават напори да се најде решение, но до тоа се уште не е дојдено. Постои правна дилема дали ЕЛЕМ како државна компанија што подлежи на одредбите од Законот за јавни набавки,  има право да го менува договорот во од, односно да прави измени во предметот на договорот што е склучен откако претходно имало распишано јавен тендер за него. Има правно толкувања дека е незаконски да се распише тендер за фасадата во кој се наведени едни услови за нејзиниот изглед и под тие услови да конкурирале фирмите, а потоа да се менува содржината во договорот, односно во случајов, да се менува изгледот, а со тоа и материјалите за градба, нивната количина,  откако тендерот веќе завршил и веќе има договор, наведуваат во соопштението.

Од ЕЛЕМ додаваат дека доколку според толкувањето,  тоа е незаконски, тогаш би требало да се раскине постоечкиот договор и да се распише нов тендер со точно пропишан изглед на новата фасада, во случајов модерна и енергетски ефикасна.

Меѓутоа, појаснуваат дека раскинувањето на договорот со Бетон со цел да се оди на нов тендер и склучи нов договор за нова фасада  ќе повлече плаќање пенали од страна на ЕЛЕМ и ЕВН кон Бетон, односно тоа се големи трошоци и затоа не постои компанија што сака еднострано да раскине договор и да ги плаќа, освен во краен случај.

- Затоа се уште се бара начин како да се најде решение кое нема да прави дополнителни трошоци од буџетот, а со кое ќе се постави нова модерна фасада на заедничката зграда на ЕЛЕМ и ЕВН, истакнуваат од ЕЛЕМ.

Целиот проект според договорот чини 3.651.984 евра, од кои ЕЛЕМ и ЕВН имаат исплатено на Бетон 725.187 евра или 20 отсто од сумата во договор, бидејќи 20 отсто од работите се и изведени на зградата. Оригиналниот проектант на т.н. барокна фасада е Градежниот факултет-Скопје.скс/сд/15:41

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ