ЈП „Стрежево“-Битола со непроменети цени на услугите за сите водокорисници

ЈП „Стрежево“-Битола со непроменети цени на услугите за сите водокорисници

Битола, 4 јуни 2018 (МИА) - Менаџментот на Јавното претпријатие „Стрежево“-Битола донесе одлука да не ги менува цените на услугите за сите водокорисници и од двата сектора, јавен и приватен во кој најголем дел се индивидуални водокорисници, односно земјоделци.

Според генералниот директор на ЈП „Стрежево“-Битола, Методија Граматковски, ваквата одлука е во функција на водокорисниците, а се должи на поефикасната наплата и реализација на договорите, зголемената доверба кај корисниците и амбиентот кој што го создал новиот менаџерски тим кој води кон враќање на некогашниот имиџ на претпријатието.

- Сите водокорисници кои што ќе користат вода од акумулацијата „Стрежево“ за наводнување на своите земјоделски култури ќе потпишат договор со кој се гарантира цената на услугата, која е иста и непроменета. Подготвени ја дочекавме сезоната за наводнување, главниот канал е сервисиран, а свлечиштето санирано што значи без проблем ќе им овозможиме на сите водокорисници да користат вода во максимални колични. Регистриравме рекордна година на собрана вода на акумулацијата која во моментов изнесува 105 милиони кубни метри вода, а тоа се должи на рационално трошење и планско испуштање на водите од вештачката акумулација, нагласи Граматковски

Граматковски на денешната прес-конференција во претпријатието, потсети на реализираните активности на новиот менаџерски тим кој, како што рече, ги намалил непродуктивни трошоци за 8 милиони денари и обновени се цевководи кои подолго време биле неупотребливи.

- Во овој период ја подобривме наплатата, но и деловните релации со нашите најголеми водокорисници како што се Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, РЕК Битола и ЈП „Водовод“-Битола.  Во овој период и на задоволство на спортските риболовци, извршивме порибување на акумулацијата со речна пастрмка и крап, а на кус рок планираме изградба на централа со моќност од 500 киловати, која за производство на електрична енергија ќе користи сончева енергија. Изградбата на централата ќе биде исклучиво со средства на претпријатието, односно без грантови или кредити. Во овој момент нашите хидроцентрали работаат со полн капацитет, а произведената електрична енергија ја испорачуваме во електроенергетскиот систем и со добра пазарна цена, зголемена за 38 отсто, односно  цена повисока од лани и тоа ни овозможува да имаме зголемен приход во претпријатието, појасни Граматковски.

Од ЈП „Стрежево“-Битола информираа дека ќе продолжат да инвестираат во функционалноста на ски-лифтовите и ски-патеката во Нижо Поле. мт/вг/13:25

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ