Меѓународните финансиски институции заинтересирани за изградба на гасоводни мрежи во општините

Меѓународните финансиски институции заинтересирани за изградба на гасоводни мрежи во општините

Струга, 8 јуни 2018 (МИА) – Меѓународните финансиски институции се заинтересирани за финансирање изградба на гасоводни мрежи во општините, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши по учеството на панел дискусијата на тема „Енергетска политика во Република Македонија, што се одржа во рамките на „Македонски енергетски форум - 2018“.

Со новиот Закон за енергетика, појасни тој, им се дава можност на општините да прават компании кои ќе градат дистрибутивна мрежа за природен гас до крајниот потрошувач, граѓаните.

- Ние како Влада и Министерство за економија во соработка со Министерството за финансии пративме писма до финансиските институции и имаме повратни одговори. Тие се повеќе од заинтересирани за имплементација на ваквите проекти. Очекуваме во најкраток рок да почнеме и да им помогнеме на општините да ги направат своите дистрибутивни мрежи, истакна Бектеши.

Митко Андреевски, советник за енергетика на претседателот на Владата информира дека вчера добиле повратен одговор од меѓународната финансиска организација ЕБОР дека се согласни да поддржат еден таков проект во висина од 50 милиони евра.

- Тоа ќе значи додатен квалитет за жителите во општините кои ќе прифатат развој на дистрибутивни системи за природен гас, рече Анреевски.

Поврзувањето на Македонија со грчкиот гасен оператор ДЕСФА, додаде, ќе овозможи снабдување со природен гас од неколку алтернативни извори.

- Со тоа ќе му се изврши притисок на Гаспром како единствен на пазарот да ја намали цената и да и даде на Македонија сигурност. Капацитетот на тој гасовод го зголемивме до три милијарди метри кубни и Македонија ќе стане транзитна земја на природен гас за Србија и Косово до Унгарија и поврзување со европскиот гасоводен систем, изјави Андреевски

Тој појасни дека капацитетот на досегашниот гасовод е 800 милиони метри кубни, а сега се работи за дополнителни три милијарди што е скоро четири пати повеќе од постоечкиот.

Меѓународната енергетска конференција „Македонски енергетски форум - 2018“ вчера и денеска се одржуваше во Струга во организација на Владата на Република Македонија, АД ЕЛЕМ, Амбасадата на САД и институтот ЗИП. сс/вј/14:46

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ