Јосифовски: Геотермалната топлина може да биде и наша енергетска иднина

Јосифовски: Геотермалната топлина може да биде и наша енергетска иднина

Скопје,  12 јули 2018 (МИА) - Македонија според својата геолошка градба на теренот и клима, како и годишните енергетски потреби за греење и ладење со прилично изедначени сезонски енергетски потреби претставува идеална регион за примена на системите за геотермална енергија, вели професорот на Градежнит факултет во Скопје, Јосиф Јосифовски во интервју за МИА.

Тој посочува дека геотермалната топлина може да биде наша енергетска иднина, бидејќи температурата во подземјето под десеттиот метар длабина е константен и се движи помеѓу 12 степени Целзиусови и 18  степени Целзиусови.

Примената на геотермалните системи во Македонија досега е минимална, вели Јосифовски, иако пред повеќе години неколку фирми имаа сериозен обид за популаризација на оваа технологија на нашиот недоволно развиен енергетски пазар.

- Во време кога остатокот од светот ја зголемува примената на обновливите и еколошки извори на енергија, во Македонија доминираат фосилните горива кои ослободуваат големи количини на јаглеродни гасови во атмосферата. Во зимскиот период користењето на дрвата и нафтата за загревање во домаќинствата предизвикува дополнително загадување, исто како и прекумерната употреба на моторни возила во недостатокот на ефикасен и еколошки транспорт, истакнува Јосифовски.

Наша должност, а и обврска кон идните генерации, како што додава, е да сториме се за да го намалиме загадувањето од фосилните горива.

Според него треба да се засили законската контрола за исполнувањето на еколошките стандарди во индустријата за што неопходно е да се вработат повеќе инженери за заштита на животната средина.

- Потребно е да се преземат систематски и добро осмислени мерки преку кои државата со субвенционирање во набавката и инсталацијата на обновливите и еколошки извори на енергија ќе придонесе за почиста иднина. Гасификацијата на градовите и примената на природниот гас во домаќинствата не е само поевтина туку и еколошка алтернатива, додава тој.

Јосифовски посочува дека во Европа „Зелениот дизајн“ на зградите е сè попопуларен, а зелените покриви се нешто кое може да се види во многу урбани центри.

- Тие се добра алтернатива за недостигот на зелените површини во густо изградените урбани подрачја. Паралелно, воведувањето на ниско емисиони средства за јавен превоз дополнително може да влијаат врз „шпицовите“ на дневните загадувања. Хибридните и електричните возила се вистинско решение и вистински хит во европските земји, особено за потребите на градското транзитирање, а воедно се и поекономичен избор, истакнува проф. Јосифовски во интервјуто за МИА кое ќе биде објавено викендов. дма/сд/09:14

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ