Стартува изградбата на подземна сообраќајница во центарот на Скопје

Стартува изградбата на подземна сообраќајница во центарот на Скопје

Скопје, 22 август 2018 (МИА) - Изградба на подземна сообраќајница во центарот на Скопје почнува денеска и поради тоа воведен е привремен сообраќаен режим на булеварот „Македонија“ (зад Музејот на Град Скопје и ТЦ „Рамстор“), кој ќе трае во наредните шест години, сменета е трасата на линијата „9“ и дислоцирана и една автобуска постојка. 

Автобуското стојалиште на булеварот „Македонија“ во непосредна близина на катната гаража (наспроти седиштето на „Макпетрол“), привремено е преместено на улицата „Јордан Мијалков“ (поранешна улица „Железничка“), после пешачкиот премин кој води до паркот „Урбан парк“.

Сменета е и трасата на движење на автобуската линија „9“, во насока од Клиничкиот центар кон Скопје Север. Автобусите од посочената линија на крстосницата меѓу улицата „Јордан Мијалков“ (поранешната улица „Железничка“) и улицата „Герман“, не вртат лево кон булеварот „Македонија“, туку продолжуваат да се движат право и подоцна се приклучуваат кон булеварот „Македонија“ преку привремена улица пред натпатникот на улицата „Павел Шатев“, при што продолжуваат да се движат по постојната траса на линијата „9“.

Од ЈСП Скопје апелираат сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено воведениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот. рп/са/07:39

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ