• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Театар и музика за децата што ќе се симнат пред зграда во Капиштец

Театар и музика за децата што ќе се симнат пред зграда во Капиштец

Скопје, 22 август 2018 (МИА) - Два часа исполнети со театар и музика ги очекуваат сите деца и родители што денеска попладне во 18 часот ќе дојдат на детската работилница во паркот во Капиштец.

Како што соопшти општина Центар, се работи за отворен музичко-драмски час. Драмскиот дел ќе го води актерот Гораст Цветковски, а на музичката работилница под водство на композиторката Ана Пандевска и пијанистката Дуња Иванова децата ќе се запознаат со инструментот клавинова, односно електрично пијано.

Цветковски ќе ги води децата - доброволци низ три кратки драмски игри, „Две жапчиња“, „Двајцата истражувачи“ и „Марија и мајка ѝ“, а потоа тој ќе одигра монолог. На музичката работилница пијанистката Иванова за децата ќе изведе на клавинова неколку композиции од цртаните филмови, а тие ќе имаат можност да се запознаат со овој инструмент. Под водство на Ана Пандевска најмладите ќе научат што е клавинова, каде се применува и каква е во споредба со акустичното пијано. Ќе одиграат и неколку музички игри на кои ќе треба да решат музички гатанки или да го погодат инструментот, а ќе имаат и кратка бон-тон едукација за односот кон инстументите, за односот на публиката кон музичарите...

Проектот „На одмор сум во Скопје сум - Општина Центар мисли на мене“ го организира општина Центар со цел корисно да се исполни слободното време на децата за време на училишниот распуст со едукативни и креативни содржини. Целта на овие настани, кои се одржуваат под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ е да се поттикнат најмладите жители што повеќе да излегуваат надвор во своите маала на дружење и игра.

Во рамки на циклусот детски настани во општина Центар летово се одржаа ликовна, музичка, драмска, како и ликовна работилница со игри без граници. мд/са/09:42

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ