• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

За шест месеци превезени 22,6 милиони патници со ЈСП „Скопје“

За шест месеци превезени 22,6 милиони патници со ЈСП „Скопје“

Скопје, 24 август 2018 (МИА) - Во првите шест месеци од 2018 година автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ превезле 22,6 милиони патници. Најголемиот дел од нив се возеле во март, а најмалку во јануари. На градските улици секојдневно сообраќале 277 возила на ЈСП „Скопје“, а 206 на приватните превозници. Во споредба со истиот период лани, годинава е регистриран зголемен број на возила во дневен сообраќај за 0,5 отсто во просек дневно.

Бројот на продадени персонализирани билети е зголемен за 2,6 отсто во споредба со истиот период лани, односно продадени се речиси 20.000 билети повеќе.

- Значително е зголемувањето на продажбата на доплатни билети за возрасни, како и на годишните билети за градските линии. Токму посочените категории билети го сочинуваат и најголемиот број од продадени персонализирани билети, информира Град Скопје. 

Зголемен е и бројот на неперсонализирани билети за 25,9 отсто или за речиси 825.000 билети. Статистиката на јавното претпријатие покажува дека значителен пораст во споредба со истиот период лани е забележан при плаќање на билет со мобилен телефон. Лани во периодот јануари/јуни биле платени 100.528 билети со мобилен телефон, а годинава во истиот период дури 782.075 билети.

Во првите шест месеци од годинава преземени се конкретни мерки за долгорочно задолжување на ЈСП „Скопје“ кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра за купување нови еколошки автобуси. Во зависност од понудената цена на понудувачите, се очекува да се набават 30-40 возила на гас. Согласно со планираната динамика на постапката, се очекува новите возила да бидат набавени идната пролет.

- Во првото полугодие од годинава дел од јавниот сообраќај беа три автобуси на гас и еден на струја. Нивните производители/дистрибутери ги отстапија на бесплатно користење, а тој период се искористи за да се добијат конкретни искуства и резултати од нивната примена во јавниот превоз, односно да се утврди кој тип на автобус би бил најповолно решение за јавниот автобуски превоз во градот, потсетуваат од Град Скопје. 

Во првите шест месеци од годинава со жичницата се превезени 132.035 патници. Најголем дел билети биле продадени на возрасни лица - 83.884, а значителен е и бројот на продадени групни билети, 7.804 за возрасни и 3.416 за деца.

Кон крајот на мај заврши договорот меѓу ЈСП „Скопје“ и фирмата-мастер дилер за продажба на нивните услуги. ЈСП „Скопје“ целосно ја презеде под своја надлежност дистрибуцијата на картичката „Скопска“. Оспособени за продажба и надополнување на „Скопска“ се 32 билетарници на ЈСП „Скопје“, како и деведесет локации од секундарната продажна мрежа (маркети, трафики), а нивниот број секојдневно расте. мд/сд/11:17

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ