• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Во Куманово отворена 16. Меѓународна ликовна колонија „Карпино“

Во Куманово отворена 16. Меѓународна ликовна колонија „Карпино“

Куманово, 27 август 2018 (МИА) - Мултимедијалното здружение „Карпино“ синоќа во кумановската населба Карпош ја отвори 16-та Меѓународна ликовна колонија „Карпино“, на која учествуваат уметници од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Украина и Македонија. Колонијата ќе трае осум дена. Уметниците ќе творат во класични техники, акрил и масло на платно. Колонијата ќе биде отворена и за јавноста, така што заинтересираните ќе можат да ги посетат уметниците додека творат, соопштија организаторите.

- Уметниците ќе ја посетат и црквата Свети Никола во Куманово на денот на посветен на Пресвета Богородица каде се изложени старите икони од манастирот Карпино за да се инспираат. Предвидена е и посета на Старо Нагоричане и тамошните културно историски знаменитости и природни убавини, изјави уметничкиот раководител на колонијата, Валентина Илијевска.

Годинава се очекува плодна продукција од 40-тина дела, кои ќе бидат сочувани во депото, а дел ќе бидат распределени по институциите во градот. На оваа колонија учествуваат уметници од различни генерации кои ќе имаат можност да соработуваат, да разменат идеи и да стекнат искуство.
 
Уметничкиот директор на колонијата Валентина Илиевска изјави дека покрај сликањето, предвидено е да се одржат, поетски вечери, театарски претстави, настапи на музичари.  Во колонијата се вклучува и Фото кино клуб „Козјак“ со изложба на фотографии со кои ќе ја одбележат 70 годишнината од нивното постоење.
 
На синоќешното отварање на колонијата присуствуваше и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитреивски, а пред присутните настапија музичките виртуози  Александар Колоски и Ана Кришталева. Креираните дела ќе бидат изложени првин пред кумановската јавност, а официјална изложба е закажана по повод Денот на градот. Делата ќе имаат можност да ги видат и љубителите на уметност и од другите градови од Македонија.ам/са/10:24

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ