Отворена изложба „Наследството на Мајка Тереза“

Отворена изложба „Наследството на Мајка Тереза“

Скопје, 5 септември 2018 (МИА) - Изложба на фотографии насловена „Наследството на Мајка Тереза“ е отворена денеска во мултимедијалниот простор на НУ Спомен куќа на Мајка Тереза по повод чествувањето на 21 година од нејзината смрт.

Изложбата е составена од 29 фотографии, направени при волонтерска работа на Патрисија Морено Руиз-Олалде во центрите на Мисионерки на милосрдието во Калкута, а основани од Мајка Тереза.

Изложбата е „визуелно“ поделена во три дела: првиот дел е посветен на најстарите и смртно болните во Титагар, вториот дел е посветен на најмладите со чисти срца сместени во домот Шишу Баван и третиот дел е посветен на насмевките кои ги инспирираат волонтерите и сестрите Мисионерки на милосрдието.

Патрисија Морено Руиз-Олалде

Патрисија Морено Руиз-Олалде ја посети Спомен куќата во 2016 година и во разговор со кустос Цветанка Вучковска - Митовска одлучи да ги подари на трајно користење фотографиите, со што значајно се збогати архивата на музејот. Нејзината посета во Скопје била случаен избор, но на крај добива големо значење кога таа разбрала дека ова е родниот град на нејзината омилена светица, информираат од НУ Спомен куќа на Мајка Тереза.

По завршувањето на изложбата се одржа презентација за работата на волонтерите од страна на Патрисија Морено Руиз-Олалде. Изложбата ќе биде отворена два месеца. рп/са/14:53

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ