• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Фестивал на различностите во Струга

Фестивал на различностите во Струга

Струга, 8 септември 2018 (МИА) – По повод Денот на независноста – 8 Септември денеска во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се одржи Фестивал на различностите, а ќе биде отворена и изложба со фотографии од Струга некогаш и денес.

Настаните се дел од проектот „Декада на припадност – славење на различностите“ финансиран од Европската Унија, а ги организираат здруженијата за локален развој „Мбела“ од Струга, „Деборус“  од Дебар и „Фортеса-Ш 2007“ од Кичево, културно-уметничкото друштво „Драслајчанка“, Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математички факултет во Скопје и Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

На фестивалот ќе бидат прикажани активностите од трите работилници: разбирање на културата и храната како средство за комуникација, музиката, играта и песната се идентитет и работилницата за разбирање на културите преку документарни фотографии со обука за документарна визуализација на општествената и културната средина. 

На изложбата ќе бидат претставени фотографии од американскиот антрополог Џоел Мартин Халперн направени во 1954 година при неговиот претстој во Струга и од младите учесници на проектот фотографирани годинава.

Преку проектот се реализираат препораките за правење програми за интеркултурно, мултикултурно и мултиетничко образование, меѓусебно комуницирање, воспоставување практики на меѓусебно запознавање и споделување знаења, а со тоа намалување на ефектите од можните штети на постоечките стеротипи и предрасуди. Овие знаења, според организаторите, треба да придонесат за зголемување на капацитетите на локалните заедници за себепочитување, вреднување на различностите кај другите заедници и презентирање на регионалните културни карактеристики како самоодржлива основа за развој на регионот во економска смисла, особено од аспект на локалните форми на туристичка презентација.

Целта на проектот е воспоставување неформални форми за интеркултурен дијалог, мултикултурно и мултиетничко образование и запознавање на припадниците од различните заедници во регионите на Струга, Дебар и Кичево со културните вредности и обуки за почитување на другиот. сс/бак/08:26

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ