• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Прв Фестивал на различностите во Струга

Прв Фестивал на различностите во Струга

Струга, 8 септември 2018 (МИА) – Млади од повеќе етнички заедници од Струга, Дебар и Кичево денеска ги презентираат своите култура, традиција и храна на првиот Фестивал на различностите, што се одржува во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Фестивалот се одржува по повод Денот на независноста, 8 Септември и е дел од проектот „Декада на припадност – славење на различностите“ финансиран од Европската унија.

Во рамките на програмата дел од учесниците се претставија со фолклорни настапи, беше презентирана традиционална кујна подготвена од нив, беа презентирани обичаи на различни етникуми. На изложба се прикажани фотографии од Струга направени од американскиот антрополог Џоел Мартин Халперн во 1954 година и од учесници на проектот годинава.

Целта на проектот, според координаторот Милован Шутиноски, е преку комуникација, соработка и дружење на младите од различни етникуми да ги запознаат културата, традицијата и обичаите на другиот.

- Заклучивме дека во традицијата, културата и обичаите кај сите етнички заедници има повеќе сличности отколку разлики само не ги знаеме поради оддалеченоста и некомуникацијата на младите генерации едни со други. Преку фотографиите видовме дека имаме многу заеднички работи во обичаите: невестински, свадбарски..., во кујната и секојдневието, појасни Шутиноски за МИА.

Младите, додаде тој, во текот на целиот проект работеа заедно во групи, изразувајќи надеж дека соработката и дружбата ќе продолжат, како на ниво на организации, така и приватно.

Организатори се здруженијата за локален развој и „Мбела“ од Струга, „Деборус“ од Дебар и „Фортеса-Ш 2007“ од Кичево, културно уметничко друштво „Драслајчанка“, Институт за етнологија и антропологија при Природно - математички факултет во Скопје и ЦК „Браќа Миладиновци“. сс/рп/14:50

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ