• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Концерти на Камерниот оркестар на Филхармонија во Казахстан

Концерти на Камерниот оркестар на Филхармонија во Казахстан

Скопје, 10 септември 2018 (МИА) - Камерниот оркестар на Македонската филхармонија по повод 8 септември - Денот на независноста одржа два концерта во Алмати и Астана во Казахстан.

Концертите беа одржани пред преполни сали и поздравени со овации од страна на публиката. 

Под водство на маестро Борјан Цанев и со солистката Анна Кондратенко на виолина, Камерниот оркестар изнуди бурни аплаузи за изведбата на делата од Моцарт, Вивалди, Григ и Пјацола, а со овации беше проследена и изведбата на делото „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски.

Македонскиот амбасадор Илија Псалтиров и директорот на Државниот филхармониски оркестар во Алмати изразија задоволство од настапот на македонскиот оркестар и ги истакнаа заложбите за понатамошно интензивирање на културните врски меѓу двете земји.

Концертот во Астана, пак, се одржа пред високи претставници и дипломати, а присутните ги поздрави заменик-министерот за надворешни работи на Казахстан.

Со овие настани беше промовиран и почесниот конзул на Македонија во Алмати, Султан Мукшаев.

Од Македонската филхармонија информираат дека и во иднина ќе ја продолжат соработката со Филхармонијата во Алмати, која следната година ќе гостува во Македонија. 

- Имав средба со директорот на Филхармонијата во Алмати, Далел Зеинешевич Ушаев, со кој се договоривме за заемна соработка и во иднина. Во наредниот период, во 2019 година, во салата на Македонската филхармонија ќе гостува нивен ансамбл, изјави директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, додавајќи дека двете филхармонии во Алмати и во Астана дале голема поддршка за гостувањето, како во однос на инструментите така и во однос на превозот, односно целата организација. бак/са/12:32

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ