Промовирана книгата поезија „Крилести одаи“ од Јоана Шишкова

Промовирана книгата поезија „Крилести одаи“ од Јоана Шишкова

Струмица, 10 септември 2018 (МИА) - Денеска во Струмица е промовирана книгата поезија „Крилести одаи“ од Јоана Шишкова, ќерќа на бардот на македонското глумиште, Ристо Шишков.

Второто поетско дело на Шишкова го промовираше Гоце Ристовски, кој истакна дека и авторката поминала низ премрежијата на животот низ кои поминале и нејзините родители.

- Таа преживува се што уметниците преживуваат во рамките на своето семејство и сакам да истакнам дека „уметноста се раѓа од болка“. Јас заедно со нејзината мајка бевме многу упорни да ја објави својата прва книга и ова сега втората, истакна промоторот Гоце Ристовски.

Авторката Јоана Шишкова во своето обраќање рече дека по ослободувањето на човекот од сите тегоби кои му се наметнати како едно бреме од сето тоа што го опкружува тогаш доживува една фаза на рамнотежа, еквилибриум на помирување на страстите и пристигнување до портите на крилестите одаи.

- Тоа спокојство и убавина во кои лежат сите познати и непознати јас го врзувам со моите најблиски. Апсолутно тие се одаите во кои престојуваат сите и се и има апсолутна наслада и спокој, рече авторката Шишкова.

Јоана Шишкова е родена во Скопје во семејство на актерот Ристо Шишков и примабалерината на Македонската опера и балет, Зоица Пуровска Велевска.

Во 2016 ја издава својата прва книга поезија „Креативна бурлеска“, а „Крилести одаи“ е нејзино второ поетско остварување.

Промоцијата беше во рамките на оф програмата на годинашново издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. рт/нд/14:44

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ