• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Промовирана монографијата „Струмички партизански одред“

Промовирана монографијата „Струмички партизански одред“

Струмица, 11 септември 2018 (МИА) - Во Струмица денеска е промовирана монографијата „Струмички партизански одред“ во издание на Сојуз на борците од НОАВМ и граѓани продолжувачи од Струмица.

Претседателката на Сојузот, Соња Чурлинова, истакна дека за подготовката  на монографијата се користени материјали од архивата на општинската организација, како и запишани белешки од командантот на одредот, Боро Поцков и други борци.

- Тие се дадени како прилог во оригинална форма, а исто така се користени и усни кажувања од живи борци или блиски роднини на загинатите учесници во воените судири. Подготовката на оваа монографија е една форма на оддавање почит на загинатите и преживеаните борци, независно во која воена формација припаѓале, а учествувале во ослободувањето на Струмица и Струмичко, рече Соња Чурлинова, претседателка на Сојуз на борците од НОАВМ и граѓани продолжувачи од Струмица.

Монографијата ја промовираше професорката Љубица Јанчева. Таа во своето излагање потенцираше дека такви монографии треба почесто да се издаваат да може да се открива нашето поблиско и подалечно минато.

- Издавачкиот одбор ја збогатил со мноштво лични сведоштва на преживеани борци на одредот, како и со индиректни сведоштва на роднините на загинатите партизани. Дел од сведоштвата за прв пат се објавуваат што на монографијата и дава посебна историска тежина, истакна професорката Љубица Јанчева.

Промоцијата на монографијата е по повод Денот на ослободувањето на Струмица-11 септември, а нејзиното издавање финансиски е помогнато од општина Струмица. рт/сст/14:23

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ