Три аудиции за првиот мјузикл за деца во Македонија

Три аудиции за првиот мјузикл за деца во Македонија

Скопје, 12 септември 2018 (МИА) - Театарот за деца и младинци го подготовува за првиот македонски мјузикл за деца „Земја во која не се стигнува“ според текст на Оливера Николова, музика за деца компонирана од  Александар Џамбазов и во режија на Виолета Џолева. Музички продуцент е Александар Митевски, кореограф е Кренаре Невзати, драматург на мјузиклот Маја Стефановиќ, а Дамир Имери е музички аранжер.

Директорката на Театарот за деца и младинци Катарина Илиевска Силјановска на денешната прес-конференција истакна дека во овој мјузикл ќе играат и пејат деца. За таа цела ќе има аудиција за талентирани деца на возраст меѓу девет и 13 години, кои знаат  да пејат и имаат актерски талент. Аудииците ќе се одржуваат во Детскиот културен центар „Карпош“ на 21 септември од 17 до 20 часот, на 22 септември од 12 до 17 часот и на 23 септември од 12 до 17 часот. 

Џолева нагласи дека ова е прв македонски мјузикл кој треба да биде спектакл и се размислува за просторот каде ќе се изведе.  Најверојтно ќе се игра на големите сцени во Македонскиот народен театар или во Македонската опера и балет.

- Со нашиот мјузикл почнавме да работиме и првата фаза е готова, тоа е драматуршката адаптација. Од еден обичен драмски текст и опус од 15 песни кои сега се реанимирани, обновени и ние сме подготвени да почнеме да работиме, рече Џолева.

Таа посочи дека на аудицијата се бараат претежно момчиња, кои ќе ги играат главните улоги во музиклот и ќе работат заедно со актерите од Театарот за деца и младинци. 

- Нашата идеја е во Македонија, во неколку сезони, овој мјузикл да биде на репертоарот и да можат децата од целата држава да доѓаат организирано, школски и да видат една нова театарска форма која не е вообичаена кај нас, рече Џолева. 

Педагогот Софија Гогова Врчаковска која со години работи со децата од Детското драмско студио во МТВ смета аудициите се шанса за добрите и талентирани деца, без да плаќаат. 

- Да допреме до децата кои имаат бескрајно многу дарба, рече Гогова Врчаковска. 

Композиторот Александар Џамбазов зборуваше за македонското музичко творештво за деца и потенцира дека Џолева со години размислувала за да го направи овој мјузикл. мд/са/14:05

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ