• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Се намалува старосната граница за пензионирање на рударите

Се намалува старосната граница за пензионирање на рударите

Скопје, 11 септември 2018 (МИА) - Владата на денешната седница го усвои Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се намалува старосната граница за пензионирање на рударите. 

Од владината прес-служба соопштија дека откако Министерството за труд и социјална политика ќе го достави законот во Собранието и тој ќе биде изгласан, рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија со навршување на 40-годишен стаж за мажи и 35-годишен пензиски стаж за жени. 

- Со досегашниот закон рударите би заминувале во пензија на околу 58 годишна возраст, а со новиот закон тие ќе заминуваат во пензија на околу 50 години, наведе министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа посочи дека сега за секоја година пропорционално ќе им се пресметува бенифицираниот стаж и така побрзо ќе навршат 40 години бенифициран стаж и ќе можат да заминат во пензија.

- Се очекува во 2019/2020 година околу 100 лица да го остварат пензионирањето врз основа на ова законско решение, нагласи Царовска.

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека рударството е многу значајно за индустриското производство во Република Македонија.

- Како сектор учествува со 8,31 отсто од индустриското производство, а директно и индиректно вработува над 10.000 граѓани во Република Македонија, посочи Бектеши. см/лв/18:08

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.